Работници од седум рудници во Федерацијата Босна и Херцеговина кои работат во рамките на Јавното претпријатие Електропривреда БиХ продолжуваат да протестираат пред зградата на Владата изразувајќи незадоволство од нивната позиција, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Рударите се собраа вчера наутро за да изразат незадоволство од правилниците за платите и работниот учинок, односно побараа да се воспостави минимална плата од 500 евра, односно 1.000 КМ во рударството во ентитетот на Федерацијата БиХ. Бидејќи вчера не им беа исполнети барањата, рударите утрото го дочекаа на отворено пред зградата на Владата.
Во текот на ноќта тие запалија оган и рекоа дека ќе останат таму додека не се исполнат нивните барања. Денеска се очекуваат разговори меѓу синдикатите и властите со цел да се најдат заеднички решенија.
По итниот состанок одржан синоќа во Владата на ФБиХ за решавање на проблемите со рудниците и барањата на рударите, формиран е преговарачки тим за разговор со претставници на рударите, но работниците тоа не го прифатија и продолжија со протести.
Граѓани на Сараево вчера на рударите им носеа храна и чаеви, а помош пристигнала и од студенти.
Денеска пред Владата стигнуваат и нови групи, а најавено е и присуство на бендот Дубиоза колектив.