Муралот насловен ,,Рударски приказни” од вчера краси еден од градските ѕидови во Македонска Каменица.
Направен по повод Денот на рударите во Македонија, претставува еден од најголемите мурали во земјата.
Муралот е создаван на површина од скоро 300 метри квадратни, во должина од 75 метри, а со највисока точка од 4 и пол метри.
Ова монументално уметничко дело е дел од манифестацијата „Каменичко културно лето 2020“ и се наоѓа спроти влезот на зградата на општината Македонска Каменица.
Оваа ѕидна уметничка композиција е дел од неколкуте кои се планирани за ова лето, во соработка со Центарот за современа ликовна уметност.
Автори на муралот се академските уметници со меѓународно реноме, Сања Јездиќ, Александар Џинго, Ферди Булут и Александар и Хари Дудески.