Румена Бужаровска е добитничка на годишната награда за литература „Едо Будиша“, што ја доделува истарската жупанија. Жирито составено од Ванеса Бегиќ, Ивана Ујчиќ, Борис Короман и Невен Ушумовиќ одлучи да ја награди за збирката раскази „Мојот маж“, во превод од македонски на хрватски јазик на Ивица Баковиќ.
Годишната награда за литература на Истра, Хрватска „Едо Будиша“ се доделува во спомен на писателот од Ровињ, Едо Будиша (1958 – 1984), чие дело и покрај прераната смрт остави силно и препознатливо културно наследство во литературата на Истра и на Хрватска, особено во кратките раскажувачки форми. Наградата се доделува на автор/авторка до 35-годишна возраст кој/која во изминатата година има објавено збирката раскази во јазично подрачје од кое нема потреба од превод на хрватски јазик (Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора). Во конкуренција се и млади автори од земјите од централна и југоисточна Европа, чијшто превод е објавен во оваа област. Претходни добитници се: Срѓан Срдиќ (2012), Марко Погачар (2013), Бојан Кривокапиќ (2014), Ивана Бодрожиќ (2015) и Лејла Каламуиќ (2016).
Во образложението на жири комисијата се вели дека по извонредната збирка раскази „Осмица“, чиј превод на хрватски, минатата година беше во најтесна конкуренција за наградата „Едо Будиша“, збирката на Бужаровска „Мојот маж“, уште повеќе го фасцинира читателот со тензијата, како и со експлозивноста на заплетите кои фрлаат продорно светло врз брачното секојдневие и нерамноправноста на родовите односи.
„Сите приказни во оваа збирка ги раскажуваат мажените жени, но нивната самосвест не успева да ги надмине патријархалните рамки, иако често станува збор за жени кои припаѓаат на повисоките слоеви на граѓанското општество. Од приказна во приказна го следиме первертирањето на еманципаторските обиди на главните хероини, од наоѓањето различни тактики за измама, прикривање на интимните потреби, па сè до насилните, во завршницата, самодеструктивни чинови. Бужаровска не пишува феминистички памфлети, но не е ниту цинична сатиричарка на „ниските“ желби на своите хероини: нејзината „раскажувачка економија“ индиректно, а со тоа и посилно, го доведува читателот до отворените прашања за вистината на повеќекратната пониженост на жената во бракот и семејството во денешните неоконзервативни транзициски средини како што се македонското и хрватското општество“, пишува во образложението за наградата на Бужаровска.
Извор: Окно