„Рурална коалиција“: Општините сѐ уште недоволно сериозно ја сфаќаат и работат на темата на родова еднаквост

Општините сѐ уште недоволно сериозно ја сфаќаат и работат на темата на родова еднаквост; жените ги нема во процесите на донесување на одлуки во месните заедници, ретко се јавуваат како раководителки на сектори или одделенија во општините, а во Советите на општините се застапени исклучиво исполнувајќи го законскиот минимум од 30%.

Ова се само дел од наодите на „Рурална Коалиција“ по петнаесетмесечната работа на процеси за  унапредување на родовата еднаквост во општините Кичево, Пласница, Гостивар, Врапчиште, Прилеп и Кривогаштани.

Од „Рурална коалиција“ велат во работниот период имале можност да утврдат колку блиску или колку далеко се општините од интеграциските процеси во делот на родовата еднаквост и нејзиното практикување во локалната заедница.

„Комисиите за еднакви можности не изработуваат програми за родова еднаквост, не одржуваат редовни седници, а координаторите за еднакви можности се лица кои што по систематизација се вработени на други работни места, па задолженијата во делот на родовата еднаквост им се дополнителни обврски“, велат од „Рурална коалиција“, додавајќи дека во општините воопшто не се сфаќа сериозно унапредувањето на родовата еднаквост на локално ниво.

Оттаму додаваат дека за периодот кој следува се клучни едукацијата и јакнењето на свеста за родовата еднаквост и рамноправност како кај локалното население, така и кај членовите на Комисиите за еднакви можности и членовите на Советите на општините.

„Потребна е и редовна изработка на годишни програми за родова еднаквост со буџетски алокации и редовна изработка на годишните извештаи за унапредување на еднаквите можности на жените и мажите до Министерството за труд и социјална политика, кои што во половина од општините сега не се исполнуваат иако се законска обврска согласно Законот за еднакви можности, како и создавање на институционална меморија за работењето на комисиите, но и воведување на родово-одговорното буџетирање како алатка за креирање на локалните политики“, велат од Коалицијата.

Според наодите на организацијата, потребно е и зголемување на партиципацијата на жените во локалните процеси на донесување на одлуки, како и унапредување на транспарентноста и отчетноста на работењето на Комисиите за еднакви можности.