Тим студенти на магистерски студии по Режија на игран филм на Голдсмитс, Универзитетот во Лондон, меѓу кои и македонската филмска режисерка Ана Јакимска, започнаа Кикстартер кампања за финансирање на нивниот проект за краток филм со наслов „Нема духови во туѓина“.
Се работи за сатирична приказна со хорор елементи инспирирана од македонскиот фолклор, која ќе биде сместена во модерен Лондон и рурална Македонија.
Главниот лик е Кира, млада британска фотографка со македонско потекло, која за првпат во животот патува во родното село на нејзините родители. Таа оди во Македонија за да ги фотографира жените во селото користејќи стар фотографски процес – проект кој треба да ѝ го донесе долгоочекуваниот пробив на уметничката сцена во Лондон. Набрзо, Кира дознава дека жените се плашат од нејзиниот фотоапарат, стравувајќи дека тој има моќ да им ја зароби душата. По ненадејната смрт на една од фотографираните жени, Кира станува свесна дека нејзините дејства имаат последици.
Режисерката Јакимска вели дека преку филмот сака да отвори дијалог за претставување на Истокот во уметноста на развиените земји, но и за природата на филмот како уметност воопшто.
„Развиениот свет сака да се идентификува себеси како спротивност на Истокот, кој по правило е див, непредвидлив и природен. Оваа романтизирана слика за Истокот постои со векови и лесно може да се падне во замката на продолжување на овој стереотип, особено за полесен пробив во индустријата. Кога си го поставив прашањето како јас пишувам и зборувам за мојата земја кога сум надвор од неа, решив дека сакам да направам филм на оваа тема“, објаснува Јакимска за Радио МОФ.
Проектот бил избран на јавен пичинг за краток филм во декември 2022 на Универзитетот и добил поддршка од 3000 фунти и опрема, но бидејќи буџетот за филмот е проценет на 11.000 фунти, тимот се решил разликата да ја надомести преку јавна кампања за прибирање средства. Според авторите потребни им се дополнителни 6.700 фунти со кои ќе можат да ги платат актерите, да ги обезбедат најдобрите можни локации за снимањето и продукциски дизајнер кој ќе им помогне да ја рекреираат рурална Македонија во Лондон.
Јакимска ќе биде режисер на филмот, а ова ќе биде прв нејзин филм снимен во Велика Британија. Покрај неа во екипата зад проектот се уште седум студенти на магистерски студии на Универзитетот. Снимањето е закажано за 18-22 мај, на локации во Лондон, а премиерата е планирана за јули оваа година.
„Македонија е речиси непозната во Англија. Низ разговори со пријатели овде во Лондон, но и развивајќи сценарија со Македонци како главни ликови, сфатив колку е голема моќта на уметноста да ги претставува овие непознати светови. Иако филмот целосно ќе се снима во Англија, приказната е македонска и е инспирирана од македонскиот фолклор. Во филмот ќе се зборува на македонски и на англиски“, додава режисерката.
Досега на Кикстартер кампањата се собрани нешто повеќе од 1.000 фунти. За оние кои ќе решат да го поддржат овој филм авторскиот тим ќе обезбеди различни видови оддавање на признание – од благодарност на социјалните мрежи, копии од сценариото и линк за гледање на филмот, до мокра колодиумска фотографија од снимањето и титула извршен продуцент за оние кои ќе дадат најголема финансиска поддршка.
Кикстартер кампањата и повеќе детали за проектот се достапни на следниов ЛИНК.
Даниел Евросимоски