Русија го блокираше користењето на апликацијата Вибер

Руските власти ги блокираа услугите на апликацијата Вибер поради наводно прекршување на законот, соопшти во петокот рускиот телекомуникациски регулатор Роскомнадзор, јавува Радио Слободна Европа.

Регулаторот рече дека апликацијата, во сопственост на јапонската мултинационална компанија Ракутен, се користела за терористички и екстремистички цели, за продажба на дрога и ширење дезинформации.

Обвинителите го истражуваа Вибер за ширење „информации за дестабилизирање на политичкиот и општествениот поредок во Русија“, објави државната новинска агенција ТАС. Вибер не го коментираше ова.

Од 2018 година, операторите на комуникациските платформи во Русија мора да ги складираат приватните податоци на корисниците како што се повици, пораки, фотографии и видеа и да ги достават до разузнавачките служби на нивно барање.

Руските власти дополнително ја зајакнаа цензурата во земјата од почетокот на војната против Украина.

Вибер беше казнет минатата година поради наводно дискредитирање на руските вооружени сили со тоа што не ги избришал информациите за војната како што наредил Владимир Путин.

Русија веќе блокираше голем број популарни апликации за размена на пораки, како и социјални мрежи. Линкедин, Фејсбук, Инстаграм и Сигнал не можат да се користат во Русија без виртуелна приватна мрежа.