Русија го гранатираше Лавов, ЕУ предложи забрана на руска нафта

Дел од градот Лавов остана без струја откако оваа ноќ неколку електрични трафостаници во овој западен град во Украина беа мета на авионски ракетни напади од руската армија.

Според градоначалникот Андриј Садовји, во нападот повредено било едно лице.

Нападите се случија неколку часа пред Европската Унија да го соопшти новиот пакет санкции за Русија, меѓу кои е вклучено и забрана за увоз на руска нафта, што е еден од главните извори на финансиски средства за властите во Кремљ.

Предлогот, кој го соопшти претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лејен, предвидува постепено и структиурано ембарго, кое би им овозможило на земјите членки шест месеци да се приспособат на откажувањето од сурова нафта од Русија, и рок крајот на годината да престанат да купуваат било каков вид на рафинирани нафтени производи од оваа земја. Забраната треба да се однесува на целата руска нафта, која се тргува и преку пристаништата и преку нафтоводите.

Со новиот пакет санкции се предвидува и забрана на три нови руски медиуми на територија на ЕУ, како и индивидуални санкции по високи воени лица и други поединци кои според ЕУ извршиле воени злосторства во украинскиот град Буча и кои се одговорни за опсадата на Мариопол.

Изминатово деноноќие украинските власти потврдија дека успешно биле евакуирани 156 цивили од Мариопол, кои безбедно пристигнале во Запорожје.

Од Обединетите Нации информираа дека дел од цивилите биле спасени од фабриката за челик Азовстал, која беше последниот објект кој даваше отпор на руската армија во овој стратешки важен украински град. За денеска е планирана нова акција за евакуација на цивилното население од Мариопол.

Во меѓувреме Русија ги засилува своите напади на источниот дел од Украина, во регионот Донбас.Според регионалниот лидер на Доњецк, Павло Кириленко, 21 цивили биле убиени, а дополнителни 27 лица биле ранети во вчерашните руски напади.