Денеска се лансира „Рувики“, руската верзија на популарната интернет енциклопедија Википедија, пренесува Н1.
Бета тестирањето што претставува ограничено јавно тестирање на страницата започна во средината на 2023 година, објави весникот Комерсант, а наводно имало повеќе написи на „Рувики“ отколку на Википедија на руски јазик.
Русија соопшти дека сè уште нема планови да ја блокира Википедија, која е една од ретките независни извори на информации која сè уште е достапна во земјата, по нападот на Украина во февруари 2022 година. Руските судови, сепак, оттогаш наметнаа серија казни на онлајн енциклопедијата за содржини поврзани со Украина.
Претседателот Владимир Путин даде одобрение за нови алтернативни платформи на Википедија во мај 2022 година, според руските медиуми.
Весникот „Известија“ минатата недела, цитирајќи ја медиумската служба на „Рувики“ објави дека најчитаните написи за време на бета тестирањето го вклучуваат бројот на загинати во 2023 година, ескалацијата на арапско-израелскиот конфликт, руската воена операција во Украина и филмовите со најголема заработка во Русија.
Просечно, корисниците поминувале околу шест минути на една страница, а просечниот број на посетени страници бил повеќе од пет во бета фазата.