Руската Дума со големо мнозинство го одобри нацрт-законот со кој се забранува посвојување руски деца од граѓани на земји каде промената на полот е легална, пренесува Данас.
Предлог-законот мора да помине уште две читања во Думата пред да биде испратен до Горниот дом, а потоа до претседателот Владимир Путин за негов потпис.
Претседателот на Думата, Вјачеслав Володин, рече дека законот има за цел „да ги заштити детските и традиционалните вредности“ и дека ќе влијае на граѓаните од над десет земји.
„Неопходно е да ги заштитиме нашите деца од опасностите со кои може да се соочат доколку бидат посвоени или ставени под старателство во земја каде што е дозволена промена на полот“, додаде тој.
„Не се работи за тоа дека рускиот морален компас и моралните темели имаат за цел да ги заштитат традиционалните вредности и разбирањето на бракот како заедница на маж и жена, туку тоа е директна заштита на животот на детето“, рече заменик-претседателката на Парламент Ирина Јароваја.
Минатата година, рускиот Врховен суд го забрани ЛГБТК+ движењето како екстремистичко.
Во 2022 година, Путин потпиша закон со кој се забранува ширење на информации за ЛГБТК+ за сите возрасти, проширувајќи ја забраната од 2013 година која се однесуваше само на малолетниците.