Претседателот на рускиот парламент Вјачеслав Володин рече дека долниот дом подготвува закон со кој ќе се зголемат даноците за луѓето кои ја напуштиле земјата, потег што многу Руси го направија од почетокот на војната во Украина во февруари, пренесува Н1.
„Правилно е да се укинат поволностите на оние кои ја напуштија Руската Федерација и да се воведе зголемена даночна стапка за нив. Работиме на соодветни измени на законската регулатива“, напиша Володин на Телеграм.
Во меѓувреме, непознат е бројот на Руси кои ја напуштиле земјата од почетокот на инвазијата на Украина. Некои руски медиуми објавија дека до почетокот на октомври Русија ја напуштиле до 700.000 луѓе, откако во септември беше најавена мобилизација на околу 300.000 војници. Властите тогаш ја отфрлија таа оценка.
Работодавачите автоматски одбиваат 13 отсто данок на доход од платите на своите вработени. Русите кои работат во странство и се руски даночни обврзници мора да плаќаат даноци независно на руската Федерална даночна служба.
„Сите знаеме зошто побегнаа. Оние кои сфатија дека грешат веќе се вратија. Останатите треба да разберат – огромното мнозинство од општеството не го поддржува нивниот чин и верува дека тие ја предале својата земја, роднините и пријателите“, рече Володин.