Руското обвинителство покрена обвинение против 92 члена на украинската војска поради злосторства против човештвото, информираа од Рускиот комитет за истраги.
Претседателот на Комитетот, Александер Бастрикин, информирал дека досега започнале 1.300 кривични истраги, а предлага за овие дела да се направи меѓународен трибунал поддржан од повеќе држави, меѓу кои и Иран, Сирија и Боливија, кои се традиционални сојузници на Русија.
Бастрикин изјавил и дека покрај 92-цата обвинети членови на армијата, руските власти бараат уште 96 лица, меѓу кои и 51 воени командири.
Од Украина, каде исто така се спроведува истрага за воени злосторства, засега не го коментираат овие најави. Овој месец украинските власти соопштија дека истражуваат повеќе од 21.000 воени злосторства и дела на агресија, наводно сторени од руската армија од почетокот на инвазијата во февруари.
Од Меѓународниот кривичен суд веќе испратија свој експертски тим истражувачи и форензичари, кои треба да помогнат во истрагата на сомнежите за извршени воени злосторства.
Власта во Русија ги отфрла сите обвинувања за воени злосторства или наводите дека таргетира цивилно население.