Гугл доби казна од 21,1 милијарди рубли (околу 373 милиони долари) од суд во Москва поради повеќекратниот неуспех компанијата да отстрани содржини кои Русија ги смета за нелегални, како што се „лажните вести“ околу војната во Украина.
Руските власти долги години наназад се револтирани од ширењето на содржини од странските технолошки платформи кои ги кршат нивните регулативи, но ситуацијата посебно се заостри откако започна инвазијата врз Украина во февруари оваа година.
Најголема мета на незадоволството е Јутјуб, кој за разлика од Твитер, Фејсбук и Инстаграм не е блокиран во земјата.
Регулаторното тело Роскомнадзор информираше дека Јутјуб не ги избришал „лагите околу текот на специјалната воена операција во Украина, кои ги дискредитираат руските воени сили“.
Од институцијата додаваат и дека видео-платформата во сопственост на Гугл „промовира екстремистички погледи“ и дека „повикува деца да учествуваат на нелегални протести“.
Гугл, кои имаат право да се жалат на оваа одлука, се` уште немаат коментирано за оваа одлука.
Казната е калкулирана како процент од годишните приходи на Гугл во Русија. Минатата година компанијата доби слична казна од 7,2 милијарди рубли.