Познатата истражувачка новинарка Јелена Милашина била брутално претепана од маскирани лица кратко по слетувањето во руската република Чеченија.
По нападот Милашина изјави дека била принудена да излезе од возилото и била удирана со пластични шипки, нејзината коса била избричена и врз неа било истурено зелена боја недалеку од аеродромот.
Таа патувала заедно со нејзиниот адвокат Александер Немов, кој исто така е повреден во нападот.
Новинарката и правникот сведочеа дека нивниот автомобил бил нападнат од група на најмалку 10 маскирани лица кои биле во три возила. Милашина вели дека овие луѓе ги чекале на самиот аеродром.
„Се работеше за класично киднапирање. Не` притиснаа и го исфрлија возачот од нашиот автомобил. Се качија во возилото, ни ги притиснаа главите, ги заврзаа моите раце и ми ставија пиштол на главата“, изјавила Милашина на претставникот за човекови права на Чеченија од болницата во Грозни.
„Потоа не исфрлија покрај патот и започнаа да не удираат по лицето и по целото тело… ме бодеа во ногата“, изјавил Немов.
Потоа напаѓачите ги одвеле на друго место каде ги тепале со пластични шипки и барале новинарката и адвокатот да ги отклучат нивните мобилни телефони. Потоа ја избричиле косата на Милашина и истуриле зелена боја врз неа. Вакво фрлање на боја било користено и претходно при напади на дисиденти во Русија, меѓу нив и за рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој во моментов е во затвор.
В больницу к Елене Милашиной и Александру Немову (слева, на коляске) приехал уполномоченный по правам человека Чеченской Республики Мансур Солтаев pic.twitter.com/MsMQbb4a12
— Команда против пыток (@pytkam_net) July 4, 2023
Милашина во минатото во неколку наврати добивала смртни закани од озлогласениот чеченски лидер, Рамзан Кадиров.
Тие пристигнале на аеродромот во Грозни за да присуствуваат на судската пресуда за Зарема Мусајева, мајка на три деца кои се наоѓаат во егзил поради критики кон Кадиров. Сепак не можеле да стигнат до судот каде на Мусајева им биле изречени пет и пол години затвор во процес кој беше карактеризиран како политички мотивиран.
Чеченија се наоѓа под власт на Рамзан Кадиров од 2007 година. Тој е лојален соработник на рускиот претседател Владимир Путин и е гласен во поддршката на руската инвазија врз Украина. Кадиров во повеќе наврати беше обвинуван за кршење на човековите права, убиства, киднапирања и вршење тортура во Чеченија.
Властите во Москва изјавија дека станува збор за „многу сериозен напад кој треба да биде истражен“. Но, од „Мемориал“, група за човекови права која е забранета во Русија, велат дека нема сомнеж дека властите во Москва и Грозни „соработувале во нивните активности“.
Милашина ја напушти Русија на некое време во февруари 2022 година, откако Кадиров ја нарече терорист, додавајќи дека „треба да се елиминираат терористите и нивните соработници“. Таа беше нападната и во 2020 година, заедно со нејзината адвокатка Марина Дубровина. Нејзините истражувачки стории често како тема ја имаа состојбата со кршењето на човековите права во Чеченија.