Руска партија со пародија на Ајфон во изборна кампања

Руска политичка партија, инспирирана од Епл, направи предизборен рекламен спот кој хумористично го имитира познатиот стил преку кој технолошкиот гигант ги промовира своите производи.

Либералната партија „Јаблоко“ (јаболко на руски јазик), го пушти видеото во среда за да се поклопи со промоцијата на Ајфон 7 од нивниот имењак. На сериозен начин, партискиот лидер Григори Јавлински ја презентира „уникатната направа со можност да создаде светла иднина… пенкало! Сега иднината буквално е во вашите раце“, вели тој во видеото.

Седејќи опуштено пред белата позадина, Јавлински ги објаснува карактеристиките на „уредот“, додека камерата покажува како со рацете го покажува пенкалото од сите агли. Меѓу предностите се – „нема жици, ниту полнење на батеријата и способност да се гласа на парламентарните избори на 18-ти септември“. Оваа реченица е проследена со приказ како пенкалото ја штиклира коцката покрај партиското име Јаблоко на гласачкото ливче, а гласот вели „само еден потег е доволен за да се многу секојдневни проблеми“.

jabloko-slogan-2

Како и уредите на Епл, пенкалото е достапно во повеќе бои и Јавлински го истакнува неговиот „ергономски дизајн“, со кој уредот може да се стави и над увото.

Видеото наиде на на бројни реакции. Прегледано е повеќе од 570 илјади пати на официјалниот Јутјуб канал на партијата. Останатите нивни предизборни видеа имаат по неколку стотина прегледи. Сепак очекувањата не се преголеми дека тоа ќе направи големи промени на денот на изборите, бидејќи партијата има слаба подршка според последните анкети, пишува ББЦ.

Но коментарите на социјалните мрежи претежно се позитивни. Еден Јутјуб корисник го нарекува спотот „генијален“, додека друг смета дека е „оргинален и забавен“. Има и луѓе кои не се премногу импресионирани: „Глупаво е, подобро да кажевте што ќе направите за подобар живот“, мисли еден од нив. Оние пак, кои не ги интересира премногу политика, велат: „Не можам да кажам ништо околу активностите и програмата на Јаблоко, но имаат добар смисол за хумор“, пишува корисник на најголемата руска социјална мрежа ВКонтакте во врска со предизборниот спот.