Група на проминентни руски доктори преку отворено писмо поканија „антивакс“ лица кои се влијателни на интернет, но и политичари, да ги посетат болниците каде се третираат пациентите од КОВИД-19.
„Euronews“ пренесува дека 11 доктори го потпишале отвореното писмо со кое ги канат јавните фигури да ги видат ефектите од вирусот од прва рака.
Писмото било упатено до најгласните лица против вакцинација, кои ширеле невистини за вакцините на социјалните мрежи.
„Ние сме малку зафатени во моментов, можете да претпоставите зошто, но, бидејќи многу луѓе ве читаат и ве слушаат, ќе одвоиме време за да направиме една тура низ болничките црвени зони, како интензивната нега и одделите за патологија“, се вели во писмото, потпишано и од Денис Протшенко, доктор во Московската болница.
Веќе неколку недели, Русија на дневно ниво регистрира над 1000 смртни случаи.
Растот на заболени лица од коронавирусот во Русија, се препишува на нискиот процент на вакцинирано население и јавното непочитување на пропишаните мерки. Само 37.2 отсто од руските жители се целосно вакцинирани од вирусот и покрај апелите на Путин.
Отвореното писмо од докторите, кое било објавено од државните медиуми, било адресирано до лица кои го поттикнале скептицизмот кон вакцините.
Едно од лицата до кое е адресирано писмото е ТВ фигурата Оскар Кучера, кој има 300.000 следбеници на „Инстаграм“ и кој јавно ја ставил под знак прашалник ефективноста на вакцините.
Меѓу другите се наоѓа и актерот Егор Бероев, кој ги споредил сертификатите за вакцинација со жолтите ѕвезди со кои се бележеле Евреите за време на Нацизмот. Рок ѕвездата Константин Кинтчев, изјавил дека не сака да живее во дигитален концентрационен камп.
„Живееме во време каде мислењето на професионалците од која било индустрија може да биде отфрлено од било која позната личност. Наскоро ќе се навршат две години откако моите колеги не ги имаат напуштено црвените зони и се борат за секој пациент. Ова е вистинска војна, губиме над 1000 лица скоро секој ден. Сите кои се сомневаат во силата на вакцинирањето, кои се караат за мерките и јавно шират лажни убедувања кај своите следбеници, не поседуваат морален авторитет да го игнорираат нашето отворено писмо. Сигурен сум дека по посетата на црвените зони тие ќе го променат своето мислење и ќе бидат на страна на логиката“, напишал Портшенко на „Телеграм“.