Главниот уредник на независниот руски весник „Нова Газета“, Димитри Муратов, ја стави својата Нобелова награда на аукција со цел да подигне средства за помош на украинските бегалци кои ја напуштаат државата по руската воена инвазија.
Муратов, кој ја доби Нобеловата награда за мир за 2021 година за неговата борба да ги разоткрие вистините како новинар, во соопштение во неговиот весник вели дека овој потег го прави поради милионите Украинци кои досега се раселени од војната која почна на 24 февруари.
„Ги повикувам аукциските куќи кои се заинтересирани да ја огласат оваа награда, која е позната низ целиот свет, да не контактираат“, пишува Муратов.
Тој го искористи ова соопштение и да повика на итна имплементација на пет мерки во Украина – прекин на војната, размена на воените затвореници, враќање на загинатите војници во нивната матична земја, создавање хуманитарни коридори и помош на бегалците.
Десетици илјади руски војници извршија инвазија врз Украина откако властите во Москва го започнаа нападот со интензивни авионски бомбардирања и улични борби кои се одвиваат на повеќе локации низ земјата.
Од почетокот на март Муратов и неговиот весник избегнуваат да информираат за она што се случува во Украина поради цензурата и заканите за кривично гонење на новинарите кои не го следат владиниот наратив за војната.
Руската агенција за медиумски надзор, Роскомнадзор, го забрани секое нарекување на руските дејствија во Украина со зборовите инвазија или војна и наместо тоа инсистира да се користи фразата „специјална воена операција“. Од 5-ти март беше воведен и нов закон поддржан од претседателот Владимир Путин, со кој се предвидуваат затворски казни и до 10 години за поедицнците кои би биле виновни за овие прекршоци. Дополнително за дистрибуција на она што руските власти ги нарекуваат „намерно погрешни информации“ за руската армија се предвидува уште построга казна, од 15 години затвор.
Соопштението на Муратов дојде неколку часа откако руската социјална мрежа ВКонтакте го блокираше профилот на затворениот опозициски политичар, Алексеј Навални, како и на тимот на Навални кој објавува содржини за војната во Украина.