Пиратската партија на Русија и ги понуди своите сервери како помош на американската вселенска агенција НАСА, која се соочува со криза предизвикана од финансиски потешкотии. Руските „пирати“ нудат бесплатен хостинг за веб-страниците на НАСА, кои веќе една недела се во прекин поради „празнина во државното финансирање“, односно буџетската блокада во САД.
НАСА требаше да го прослави својот 55-ти роденден оваа недела, но вселенската агенција мораше да ги испрати најголемиот дел од своите 18.000 работници на принуден одмор.
„Би сакале да ви понудиме нова локација или севрери на нашата платформа се до завршувањето на кризата“. Ние се залагаме за приватност на интернет, а како резултат на тоа нема да морате да се грижите за програми како PRISM и други нелегални активности на тајните служби. Вашиот сообраќај, вашата и активноста на вашите корисници ќе бидат безбедни“, се вели во соопштението на Руската пиратска партија, испратено до НАСА пред неколку дена.
Пиратската партија е основана во 2009 и е активна во Русија како јавно движење, но Министерството за правда одбива да ја регистрира како политичка партија, поради тоа што изразот „пиратска“ за руските власти асоцира на криминал. Движењето тврди дека има претставници во 48 руски региони и најмалку 30.000 приврзаници. Според информациите од партијата, таа функционира со месечен буџет од околу 6000 рубли (200 долари).