Под слоганот #ЗеленаРеволиција, домашната иницијатива Fridays for future во петок организира нов марш за чист воздух.
Според рутата, тој ќе започне од 17 часот од Министерството за животна средина (наспроти хотелот „Холидеј ин“, а ќе заврши пред Влада.
Со маршот, иницијативата се приклучува на глобалните протести за климатска правда кои ќе се случуваат паралелно во бројни градови низ светот.
Овој пат, повикот за спас на планетарниот екосистем е упатен кон Мадрид, каде од 2-10 декември ќе се одржи најголемата меѓународна конференција за климатски промени (COP25) каде ќе се донесуваат клучни одлуки.
Но, додека светот бара решение за климатската криза, Македонија се соочува со незапаметено загадување на воздухот, забележуват активистите. Нагласуваат дека во овој токсичен амбиент повеќе од 3.500 луѓе годишно умираат од болести поврзани со аерозагадувањето (податоци од Европска комисија за животна средина), а останатите гледаат што побрзо да ја напуштат државата.
„Причината за загадувањето кај нас, и за климатските промени пошироко, е иста: тотална подреденост на сите економски сектори на фосилните индустрии контролирани од бизнис елитите, и тотална незаинтересираност на политичките елити за било какво справување со овој неодржлив систем“, стои во најавата за маршот.
Активистите бараат радикална промена на политичките приоритети и радикална трансформација на општествено-економската поставеност.