Околу 4.200 ученици во државата, на 1 јуни за прв пат ќе полагаат државни тестови, кои се дел од државното тестирање кое го спроведуваат образовните власти. Процесот го организира и реализира Државниот испитен центар (ДИЦ). Годинава, државен тест ќе полагаат само третоодделенци, избрани по случаен избор. Планот е сега ваков тест да полагаат третоодделенците, в година – петтоодделенците, а потоа деветтоодделенците, пренесува Мета.мк.
„Прашањата што ќе ги има на тестот не се од материјалот што го учат децата на училиште, туку се правени по теркот на тестовите од меѓународните натпревари. Ќе имаат прашања по мајчин јазик за да видиме колку се писмени, дали знаат правопис и граматика. Ќе имаат расказ кој ќе треба да го прочитаат, а потоа и да одговорат на прашања за да се види дали го разбираат тоа што го читаат“, информира Елизабета Наумовска, директорката на ДИЦ.
Во тестот по мајчин јазик ќе бидат вградени и прашања од медиумска писменост. Учениците ќе полагаат и математика на 2 јуни. Ќе има задачи со кои ќе се види какви се нивните практични знаења од предметот.
„На пример, ќе има задача која ќе бара да се даде одговор на прашањето колку вкупно изнесува збирот на три монети од по 10 денари, и на уште две од по 50 денари. Нема да е ништо страшно и комплицирано. Освен по мајчин јазик и математика, нема да има тестови по други предмети“, додава Наумовска.
Тестовите ќе ги прегледуваат наставници од основни училишта, а потоа уште еднаш ќе се прегледуваат и во ДИЦ. Планирано е до крајот на календарската година да заврши прегледувањето на тестовите.
„Нема да има оцени, освоени поени ќе има. Не е целта да ги оцениме, туку да видиме какви знаења имаат. Потоа статистички ќе се обработуваат тие резултати, па ќе се знае колку проценти одговориле на првото прашање, колку на второто и т.н.“, додава директорката.
Извор: Мета.мк