Сѐ почесто, докторки ја употребуваат апликацијата „ТикТок“ за да ги едуцираат младите и да се опуштат по стресниот ден поминат со пациенти.
Гинекологот Даниел Џоунс, позната на „Јутјуб“ и „ТикТок“ како mamadoctorjones, ја користи апликацијата за да ги урне репродуктивните митови.
„Дали мелатонинот ја прави контрацепцијата неефективна? Не“, објаснува таа. „Но, може да направи да спиете во времето кога треба да ја земете таблетата“.
Во друго „ТикТок“ видео, таа на следачите им го покажува нејзиниот костум за Ноќта на вештерките – бакарна спирала. Во трето видео, таа игра на музика додека споделува што луѓето најчесто велат кога ќе им каже дека работи како гинеколог.
Марлена, медицинска сестра во одделението за педијатрија, снима видеа на „ТикТок“ под името marlsw и ја користи апликацијата за да ги информира корисниците за основите на итната помош. Во едно видео, таа објаснува како да реагирате доколку некој има напад.
Роус Мари Лесли е медицинско лице коe снима видеа под името drleslie, a започнала да ја користи апликацијата за да го покаже брзиот и хаотичен начин на живеење на медицинските лица. Таа има искуство во здравственото образование и вели дека образовните елементи во нејзините видеа биле спонтани. Согласно со најголемите демографски интереси на платформата, голем број од нејзините видеа се за електронските цигари и контрацепцијата.
„Кога им се обраќам на тинејџерите, мислам дека важно е да ги сретнам на нивни терен – а во ова време тоа се социјалните мрежи, пиша Лесли во директна порака на Твитер. „Јас ги презентирам информациите за здравјето како да зборувам со моите пријатели“
За време на кризата од повреди со електронски лулиња, Лесли ги предупредува корисниците на „ТикТок“ за ефектите од пушење на електронска цигара врз белите дробови. Во видеото, таа ги потенцира точките на рентген снимката од пациент кој се здобил со повреда од електронско луле. „Ова е прилично вознемирувачка рентген снимка и јас не би сакала да ја имам оваа болест“ – вели таа во видеото. “Ако мислите за прекинување, сега е времето тоа да го направите. Здрави бели дробови немаат точки.“
Но, не сите корисници ги слушаат советите на Лесли. На видеото изобилуваат коментари како „леле тоа е лудо, *си дувнува од лулето*“ или „Ех, мене ми се допаѓа. Ќе умрам порано и посреќно.“ Некои пак, инсистираат дека рентген снимката е лажна.
„Секако кога ќе претставите некоја популарна појава како негативна, луѓето ќе реагираат негативно“ – вели Лесли, потенцирајќи дека голем дел од песимистичните коментари се на „ТикТок“ корисници кои продаваат електронски уреди за пушење како ТХЦ кертриџите на црниот пазар.
Лесли специјално ја курира содржината која ја објавува за да ги едуцира младите луѓе чии курсеви за сексуално образование можеби ги прескокнале најважните работи кои тинејџерите сакаат да ги знаат.
Во едно од своите видеа таа зборува за мирисливите продукти за интима кои ги нарекува „куп медицински глупости“. Таа нагласува дека таквите продукти ја зголемуваат шансата да се појават состојби како бактериолошка вагиноза или кандида, бидеќи вагината е орган кој се чисти самиот по себе .
Видеата на Лесли гребат по површината, но нејзините содржини се поинтерактивни од читање на леток во докторска ординација или читање на статија на WebMD.
„Знаеме дека поголемиот дел од младите луѓе вестите ги дознаваат онлајн“ – вели Лесли. „Поради ова, апсолутно е важно медицинските експерти да посегнат по младата популација на интернет просторот.“
Извор: Mashable
* Оваа содржина е изработена со помош на Европската Унија во рамките на Проектот за младинско изразување. За објавените содржини е одговорен Младински образовен форум и истите нужно не ги одразуваат ставовите на Европската Унија.