Заеднички стратегиски план со дефинирани цели, заеднички иницијативи и проекти за заштита на Охридскиот Регион како исклучителна вредност кој ќе го изработат Северна Македонија и Албанија беше договорено денеска на заедничката седница на националните комисии на УНЕСКО на двете земји, што се одржа денеска во Охрид.
Како што соопштија од Министерството за култура, планот ќе вклучува и корективни мерки, со временска рамка, а во периодот што следува ќе биде посветено поголемо внимание на прецизна координација во контекст на заедничкото управување на Охридскиот Регион во согласност со насоките од последниот извештај на Реактивната мисија на УНЕСКО.
„Денеска во Охрид се договоривме дека отвораме ново поглавје во билатералните односи меѓу Северна Македонија и Албанија. Се согласивме дека преку заедничкото управување на нашето природно и културно наследство што го споделуваме со целиот свет, односно со преземање конкретни чекори за заштита, ќе поставиме пример и за развојот на добрососедските односи, за подобар и поблиску интегриран балкански регион“, рече Министерката за култура Ирена Стефоска.
„Соработката што ја воспоставивме со Северна Македонија ни отвора врати за нови активности. Не чекаат ангажмани кои беа подзаборавени заради пандемијата и на кои сега со обезбедување на услови забрзано ќе работиме“, рече албанската Министерка за култура Елва Маргарити.
На седницата претседаваа министерките за култура на Северна Македонија и на Албанија, а придонес, од аспект на своите ингеренции, дадоа и министрите за животна средина, како и членовите на националните комисии и експерти од двете земји.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини додаде дека во однос на Охридскиот Регион двете држави се сериозни во намерата да се следат препораките и да се зачува статусот на УНЕСКО, како и воопшто да се унапреди состојбата на Охридскиот Регион и да се заштити природното и културното наследство кое го поседува.
„Драго ми е што сите активности се преземаат координирано со нашите соседи, и што настапуваме заеднички пред Комитетот на УНЕСКО презентирајќи ја идејата за конкретен заеднички План за опоравување и акциски план, со што ја покажуваме сериозноста во нашиот пристап и се надевам дека ќе добиеме дополнителен временски период за исполнување на истиот, пред да се најдеме на листата на загрозено светско наследство“, изјави тој.
На состанокот било истакнато дека Република Северна Македонија и Република Албанија се особено горди што исклучителниот Охридски Регион е запишан на списокот на светско наследство на УНЕСКО и двете страни, во тесна соработка со сите релевантни државни институции, локалните заедници и општините, како и со граѓанското општество, преземаат обемни активности за зачувување и за заштита на наследството во сите негови аспекти и компоненти.
„Беше нагласено дека во текот на последните две години, Северна Македонија и Албанија дополнително ги интензивираа напорите за спроведување на препораките што произлегуваат од соодветните одлуки на Комитетот за светско наследство и на Реактивната мисија. Претставниците на националните комисии на двете земји се договорија заедничкиот стратегиски план, кој ќе содржи и детален акциски план со мерки и идни активности, да го достават до Центарот за светско наследство на УНЕСКО најдоцна до февруари 2022 година“, соопштија од Министерството за култура.
Двете министерки за култура во Охрид потпишаа и Програма за соработка во областа на културата меѓу министерствата за култура на Република Северна Македонија и на Република Албанија за периодот од 2021 до 2026 година, со која се манифестираат заложбите на унапредување на традиционално добрите културни врски. Со Програмата е предвидена поинтензивна соработка меѓу институциите од областа на културата во двете земји, соработка во заштитата и промоцијата на природното и културното богатство на Oхридскиот Регион, како и соработка во спречувањето на нелегалната трговија со културни добра.
УНЕСКО минатиот месец донесе предлог-одлука Охридскиот регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност, по последниот извештај на Реактивната мисија за лошата состојба во која се наоѓа оваа локација. Ваквата одлука треба да се формализира на Комитетот за светско наследство во Фужоу, Кина, кој треба да се одржи од 16 до 31 јули.
„Комитетот е длабоко загрижен за заклучоците на мисијата од 2020 година, според кои високите објекти близу езерото, слабиот архитектонски квалитет на изградената средина (посебно во градовите Охрид, Струга и Поградец, но исто така и долж крајбрежјето надвор од урбаните средини), и несоодветната и претерана употреба на крајбрежната зона за туристичка инфраструктура, имаат големо негативно влијание врз универзалната вредност на регионот“, се вели меѓудругото во извештајот на УНЕСКО.