Во март Северна Македонија ќе биде домаќин на 71-то генерално собрание на Интернационалната Федерација на медицински студентски асоцијации (ИФМСА), најголемата медицинска студентска организација во светот.
Настанот кој ќе се одржи под мотото „Преживеј. Напредувај. Трансформирај. Градење подобри услови за ранливите жени и адолесценти“ (Survive. Thrive. Transform. Building back better for vulnerable Women and Adolescents) следува по успешната кандидатура поднесена во март минатата година, информираа од Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА), кои ќе бидат домаќини на конференцијата.
„Ова достигнување е едно од најголемите, не само за нашата организација, туку и за нашата држава воопшто“, велат од ММСА.
Работата на Собранието ќе се одвива на пленарни сесии, претседателски сесии, сесии во одборите за јавно здравје, човекови права и мир, медицинска едукација, репродуктивно здравје и студентски размени. Дискусиите потоа ќе бидат претставени пред Светската Здравствена Организација и Обединетите Нации.
ИФМСА, која е ќерка организација на СЗО, одржува генерални собранија секоја година, во Март и во Август месец. Во федерацијата членуваат над 1,3 милиони студенти по медицина од медицински студентски асоцијации од преку 120 светски држави.
На овие состаноци каде присуствуваат стотици студенти, се одржуваат дискусии за актуелните глобални здравствени приоритети и самите студенти директно се вклучуваат во светските здравствени политики.