С. Македонија на 39-тото место, но далеку од светскиот врв според Индексот на зајакнување на жените [Инфографик]

Северна Македонија е 39-та во светот според Индексот на зајакнување на жените, а 40-та според глобалниот родов паритет, покажува последниот извештај на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за 2022 година, во кој се анализираат податоци за 114 светски држави.

Иако извештајот директно не ги рангира државите, во него тие се поделени по групи кои покажуваат на кое ниво се стигнати овие општества, од високо до ниско.

Според тоа, С. Македонија се наоѓа во групата „средно-ниска“ според Индексот на зајакнување на жените, додека малку подобро стои според Индексот на родов паритет, каде е сместена во групата „средно-висока“.

Од деветте држави од окружувањето, кои се дел од извештајот, зајакнувањето на жените е најразвиено во Словенија, Хрватска и Србија. Пред земјава се наоѓа и Бугарија, додека полош резултат имаат Грција, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина, која е единствената земја од регионов која е ставена во групата на држави со ниска зајакнатост на жените.

Според родовиот паритет, најдобро во окружувањето стои Албанија, кои со Словенија и Србија се земји во групата со висок родов паритет. С. Македонија е на четвртото место, а зад земјава се Хрватска, Бугарија, Црна Гора и Грција. Најлошо во регионот и според овој Индекс е позиционирана Босна и Херцеговина.


На светско ниво највисок Индекс на зајакнување на жените има Шведска (0,828), а на првите три места се уште и Исланд (0,816) и Австралија (0,805). На дното на рангирањето се Јемен (0,141), Нигер (0,307) и Пакистан (0,337).

Шведска (0,925) е светски лидер и на Индексот на родов паритет, додека на првите три места се уште и Исланд (0,914) и Норвешка (0,887). Јемен (0,141) повторно е најлош во светот, а на дното се уште и Иран (0,393) и Либан (0,422).

Извештајот кој е насловен „Патот до еднаквоста“ покажува дека ниту една држава нема постигнато целосно родов паритет, додека помалку од 1 процент од жените и девојките живеат во држави со високо ниво на зајакнатост на жените и мал родов јаз. Истовремено повеќе од 90 проценти од женската светска популација, односно 3,1 милијарди девојки и жени, живеат во држави каде зајакнатоста на жените е ниска и каде постои голем родов јаз.

„Со Целите за одржлив развој глобалната заедница направи силна заложба за родова еднаквост и зајакнување на жените. Сепак, можеме јасно да видиме со овие нови показатели дека целосниот потенцијал на жените останува нереализиран и високите родови јазови продолжуваат да бидат вообичаени, а со тоа да го блокира и да го забавува напредокот во реализација на сите Цели. Потребни се одржливи напори за да се оствари ветувањето за родова еднаквост, да се осигураат човековите права на жените и девојките и да се обезбеди дека основните слободи се целосно исполнети“, вели директорката на „UN Woman“, Сима Бахус.

Извештајот покажува и дека на глобално ниво, жените се зајакнати да постигнат само 60 проценти од нивниот целосен потенцијал според Индексот на зајакнување на жените, додека просечно постигнуваат 72 проценти од она што го постигнуваат мажите низ различни категории според Индексот на родов паритет, што претставува родов јаз од 28 проценти.

Извештајот наведува и неколку препораки за носителите на одлуки, поделени по области:

– Здравствени политики: Поддршка и промоција долг и здрав живот на сите, со фокус на универзалниот пристап до сексуално и репродуктивно здравје

– Еднаквост во образованието: Адресирање на јазот во знаење и квалитетот на образование, особено во областите како математика, наука, инженерство и технологија, со цел да се зајакнат девојките и жените во дигиталната ера.

– Балансирање на работата и секојдневниот живот и поддршка на семејствата: Инвестирање во политики и услуги кои ќе го адресираат балансот меѓу работата и секојдневието, што вклучува пристап до квалитетни предучилишни услуги, програми на родителски отсуства и флексибилни работни ангажмани.

– Еднаквост во учеството на жените: Поставување цели и акциски планови за постигнување родов паритет во сите сфери на јавниот живот и елиминирање на дискриминаторските закони и регулативи кои ги задржуваат жените при нивниот развој.

– Насилство врз жените: Имплементирање на сеопфатни мерки фокусирани на превенција, промена на социјалните норми и елиминирање на дискриминаторски закони и политики.

Даниел Евросимоски