Северна Македонија остана во категоријата „хибриден режим“ според извештајот „Држави во транзиција“ кој го изработува Фридом Хаус. Со оценка 3,82, на скалата каде 7 е најдобра, а 1 најлоша демократија, земјава нема ниту подобрување ниту назадување во споредба со минатата година.
Од регионот, Словенија има најдобар скор (5,71), а поголема демократија од С. Македонија има и во Бугарија (4,50) и Хрватска (4,25). Земјава има идентична оценка со Црна Гора, а стои подобро од Србија (3,79), Албанија (3,75) и Босна и Херцеговина (3,29).
Просечната оценка на С. Македонија постојано паѓаше од 2012 до 2017 година, додека од 2017 до 2021 година имаше мало зголемување. Сепак, последниве две години според извештајот земјава има демократска стагнација.
Од Фридом Хаус наведуваат дека оваа година, за првпат во 21-от век, најдоминантната форма на власт во регионот кој го опфаќа извештајот е хибридниот режим. Од 2004 година четири демократии паднаа во оваа „сива зона“ – Унгарија, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Во истиот период три авторитарни режими направија подобрување влегоа во оваа категорија – Молдавија, Косово и сега, Ерменија.
„Иако овие режими комбинираат елементи од демократско и авторитарно владеење, тие се аналитички различни од двете категории. Тие можеби се демократски на минимален начин преку тоа што имаат редовни, повеќепартиски избори, но нивните дисфункционални институции не успеваат да ги остварат основните компоненти на либералната демократија – механизмите на контрола на власта, владеењето на правото и силната заштита на правата и слободите на сите“, стои во извештајот.
Извештајот опфаќа 22 посткомунистички држави од Централна и Источна Европа. Само 6 од овие земји се сметаат за „консолидирани демократии“, 4 се „полуконсолидирани демократии“, 8 се „консолидирани авторитарни режими“ и 11 се во категоријата „хибриден режим“.