Северна Македонија постигна значителен напредок во правната заштита на правата на лицата кои припаѓаат на националните малцинства, особено во полето на антидискриминација и употреба на албанскиот јазик. Ова се наведува во новото мислење на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства објавено денеска.
Таму, се додава и дека на политичко ниво, стратегијата „Едно општество за сите“ обезбедува вреден патоказ кон интегрирано мултиетничко општество и е во согласност со принципите на Рамковната конвенција со оглед на тоа што промовира почитување на различностите преку меѓукултурен дијалог. Но, во меѓувреме се посочува дека сепак, треба да се подобри практичното спроведување на законодавството и политиките за националните малцинства.
Според советодавниот комитет, земјава продолжува ја применува Рамковната конвенција, првенствено за националните малцинства наведени во Уставот, иако се применува одредена флексибилност во однос на непризнаените групи.
„Пописот во 2021 година беше спроведен без поголеми проблеми, иако беа пријавени мали неправилности. Транспарентноста при обработката на собраните податоци ќе биде клучна за да се обезбеди доверба во резултатите од пописот откако ќе се објават“, се додава во мислењето.
Во однос на образованието, во мислењето се посочува дека се развиени концепти и наставни материјали кои промовираат интеркултурно образование, но дека во пракса, мешаните средини во училиштата и училниците остануваат исклучок.
„И покрај умереното зголемување на стапките на упис и намалувањето на посетувањето на специјалните училишта, децата Роми продолжуваат да имаат значително пониски образовни резултати. Достапно е упатство на босански јазик. Прифаќањето на изборната настава на јазиците на малцинствата е ниско, бидејќи прагот за отворање паралелка е превисок, а родителите не се соодветно информирани. Квалитетот и достапноста на наставните материјали за јазиците на малцинствата се незадоволителни“, стои во мислењето.
Истовремено, таму се посочува дека значително е подобрена правната заштита од дискриминација со новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација, кој, како што додаваат, предвидува понезависно тело за еднаквост со зајакнат мандат.
„Сепак, ниту ова тело ниту Народниот правобранител не се опремени со соодветни ресурси за ефективно да ги исполнат своите мандати. Недостигот на документација продолжува да биде главна пречка за Ромите во пристапот до нивните права бидејќи мерките преземени во последните години сè уште не ги дадоа посакуваните резултати“, додаваат од Советодавниот комитет.
Од советодавниот комитет велат дека се воспоставени јавни радио и телевизиски канали кои целосно емитуваат на албански јазик и кои произлегуваат од претходно постоечкиот канал за сите малцинства. Истовремено, додаваат дека времето на емитување, исто така, значително се зголеми за другите јазици на малцинствата, но дека сепак, зголемувањето не било усогласено со соодветни ресурси, што негативно влијае на квалитетот на програмите.
„Потребна е координација помеѓу одделните редакции на јазиците на малцинствата и континуирана поддршка на двојазични и повеќејазични програмски формати за да се создаде заеднички медиумски простор неопходен за интеграција на општеството“, додаваат од комитетот.
Новиот Закон за употреба на јазиците усвоен во 2018 година ги проширува правата на албанските говорници и на национално и на локално ниво, велат од советодавниот комитет, но додаваат дека сепак постои значителен јаз меѓу законот и практичната примена.
„Потребни се значителни инвестиции во обука и регрутирање на преведувачи и толкувачи, како и двојазичен персонал за да се обезбеди ефикасно и правилно спроведување на законот“, стои во мислењето.
Од советодавниот комитет посочуваат дека иако меѓуетничките односи се чини дека се подобрени во споредба со последниот циклус на мониторинг, етничките, верските и јазичните линии на поделба, тие продолжуваат да постојат и редовно излегуваат на површина во моменти на криза.
„За да се обезбеди одржливост на Стратегијата ‘Едно општество за сите’, потребна е поголема политичка поддршка на високо ниво, солидно финансирање и достапност до практичарите на терен“, додаваат од советодавниот комитет.
Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, покрај мислењето даде и неколку препораки до властите.
Меѓудругото, оттаму ги повикаа органите да се погрижат инцидентите на криминал од омраза и говорот на омраза навремено да се препознаат, евидентираат и ефективно да се истражат, како и одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата. Од комитетот ги повикаа органите да ги обезбедат потребните ресурси за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Народниот правобранител, за да можат самостојно и ефективно да ги исполнат своите мандати.