Сите регистрирани македонски граѓани во Авганистан се безбедни и се работи на нивна брза евакуација, a Северна Македонија се приклучува на глобалната хуманитарна мисија за спас на локалното население, информираат од Владата.
Оттаму велат дека се во директна комуникација со компаниите во кои се вработени македонските граѓани кои се регистрирани во Авганистан и за кои се обезбедени повеќе опции за летови за евакуација и за нивно пристигнување во Северна Македонија.
„Што се однесува до привременото прифаќање граѓани од Авганистан, во овој момент се работи на координација и утврдување детали за преземање шест жени и деца, вработени или членови на семејства на вработени од Мисијата на Обединетите Нации во Авганистан, како и околу 180 граѓани, жени, деца, вработени или членови на семејства од хуманитарни организации, организации за човекови права, новинарски и друг тип здруженија кои во изминатите 20 години работеа на одржувањето на мирот во Авганистан“, информираат од Владата.
Времето на полетување на овие граѓани од Авганистан сѐ уште не може да се потврди поради сложените услови на аеродромот во Кабул, иако од Владата очекуваат дека ќе пристигнат следните денови.
„Хуманитарците, вработените во организациите за човекови права и членовите на нивните семејства планирано е да пристигнат на аеродромот во Скопје после што задолжително ќе бидат упатени на 14-дневен карантин заради превенција од Ковид-19. Министерството за здравство ќе организира и пунктови за вакцинирање за граѓаните кои нема да бидат вакцинирани“, појаснуваат од Владата.
За нив ќе бидат обезбедени сместувања во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави. Сместувањето и преземањето на локалното население, пак, ќе биде со ограничен временски период, до обезбедување нивни трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со нашите стратешки партнери и со меѓународните организации.
Сите неопходни оперативни и административни прашања поврзани со учеството на Северна Македонија во меѓународната хуманитарна мисија за спасување на локалното население од Авганистан Владата ќе ги разгледува и донесува одлуки на утрешната и следните седници на Владата.
„Целиот демократски свет се солидаризира со хуманитарната катастрофа која му се заканува на локалното авганистанско население, а Северна Македонија како членка на НАТО ќе преземе солидарна одговорност привремено да прифати цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија“, велат од Влада.
Оттаму истакнуваат дека ќе продолжат да ја следат ситуацијата во Авганистан и е во постојана темелна координација со сојузничките држави од НАТО Алијансата, а првенствено со САД.