Под мешавина од густа магла и смог синоќа македонските граѓани ја дочекаа новата 2023 година на плоштадите, во рестораните или во своите домови. Покрај намалената видливост, оваа новогодишна ноќ повторно ја одбележа и високото аерозагадување низ целата држава.
Според официјалните мерни станици на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) најзагадено синоќа на полноќ било во Струмица (385 микрограми на метар кубен ПМ10 честички) и Битола (329), а екстремно високо загадување имало и во Гостивар (290) Прилеп (270), Тетово (259), Кичево (250), Охрид (205) и Кавадарци (122).
Во Скопје околу полноќ воздухот беше над максимално дозволените граници насекаде. Најголеми концентрации на ПМ10 честички на полноќ беа регистрирани на мерната станица во Центар (152), мобилната станица во Ѓорче Петров (120) и Лисиче (116).
На платформата skopje.pulse.eco пак на полноќ биле регистрирани просечни 237 микрограми на, метар кубен ПМ10 честички во Скопје, а на мерната станица во Маџир Маало биле регистрирани преку 1.200 микрограми на метар кубен ПМ10 честички.
Од МЖСПП пред новогодишната ноќ упатија повеќе препораки до граѓаните на Скопје за претстојните денови во кои велат дека се очекуваат повисоки концентрации на ПМ10 честички. Меѓу препораките се поголемо користење на јавниот превоз, некористење на возила без поголема потреба или возење на повеќе лица во едно возило истовремено. Дополнително од Министерството препорачуваат за затоплување да не се користи прегорено отпадно масло, лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, гума или било каков друг синтетички материјал.
Дополнително, препорака на Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија е најранливата популација (деца, стари лица, болни од хронични болести на белодробниот и кардиоваскуларниот систем, со посебен ризик за болните од бeлодробна астма) да го ограничат движења и активности на отворен простор во загадените зони на градот.