Северна Македонија се најде на третото место како најдобра туристичка дестинација за 2020 година според листата на издавачот на туристички водичи „Лоунли Планет“ (Lonely Planet).
Според нивната интернет страница, секоја од локациите е избрана поради нивната „тропичност, уникатни искуства и вчудовидувачки фактор“.
„Ретки се можностите да одбележиме ребрендирање на земја. Таков е случајот со Северна Македонија, место најпознато само како Македонија, која има свежо ново име по децениската политичка дебата со соседната Грција. Договорот, потпишан во 2018, обезбеди убав момент на соседна љубов и го преобрази меѓународниот углед на малата нација во срцето на Балканот“, се наведува во текстот на туристичкиот сајт.
„Веќе беше препознатлива по гастрономијата, античката традиција и природата, но вљубениците во културата и авантурата ќе најдат нови изговори за да ја посетат во 2020 година со дополнителни летови до УНЕСКО заштитеното Охридско Езеро и новоотворената „Хај Скардус треил“, патека долга 495 километри покрај највозбудливите врвови на регионот“, додаваат од „Лоунли Планет“.
На првите две места, како најдобри дестинации за 2020 се Бутан и Англија, додека во првите десет се наоѓаат и Аруба, Свазиленд, Костарика, Холандија, Либерија, Мароко и Уругвај.