Саат-кулата во Битола ја добива највисоката верификација и се вбројува во редот на културни добра со најголема културно-општествена важност на градот, соопштија од Министерството за култура. Оттаму посочија дека Владата, на седницата одржана на 11 јули, донела одлука за прогласување на Саат-кулата за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење.
Градскиот часовник, со својата висина од 33 метри, доминацијата во просторот и саатниот механизам, претставува еден од најзначајните симболи на Битола.
„Објектот e изграден во 1830 година, а се наоѓа во Градскиот парк, во срцето на Битола, на просторот меѓу црквата Св. Димитрија и Јени-џамијата. Со својата архитектонска, градежничка, историска, социолошка и документарна вредност, Саат-кулата во Битола е сведоштво за општествено-економските и културно- историските околности во Битола и пошироко, во рамките на балканскиот простор. Кулата со автентични камени фасади е културен споменик кој се издвојува по своите специфики и во градбата, монументалноста, изгледот и во степенот на изворната зачуваност. Кулата е значајна и по своите архитектонски и стилски карактеристики, квалитетниот материјал од кој е изградена со вметнување декорирани мермерни сполии и оригиналните мермерни столбови, како и по камените скали кои водат до врвот. Саат-кулата има и единствен музички механизам со 15 камбани од кои одекнува одредена мелодија на секои шест часа“, велат од Министерството за култура.
Тие велат дека саат-кулата, истовремено дава препознатлив урбанистички акцент во Битола бидејќи во релација со монументалните споменици во неговата близина се создава единствен урбан ансамбл.
„Со тоа, Саат-кулата во Битола се вбројува во редот на културни добра со највисока културно-општествена валоризација како своевиден белег на ‘Градот на конзулите’. Сите овие специфики се вградени во Елаборатот за ревалоризација на Саат-кулата во Битола и во Предлог-актот за нејзино прогласување за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, коишто се разгледани и одобрени од Националниот совет за културно наследство“, додаваат од Министерството.