Симболот на штипската чаршија, еснафот и карактерот на градското јадро, познатата Саат кулата во Штип тоне во заборав. Обрасната во трева, непристапна за граѓаните и без осветлување е Саат кулата која се наоѓа на сите туристички брошури за овој град. Часовникот не работи, конструкцијата се распаѓа.
Благодарение на добрата волја на неколкумина постари граѓани, до пред неколку години работеше механизамот на часовникот. Откако годините ги навјасаа тие што го одржуваа, часовникот веќе не работи. Но тоа, велат познавачите на објектот, не е најгоркиот проблем. На кулата и е потребна реставрација и зајакнување на конструкцијата ако Штип сака да ја има како сведок за минатото барем во следните неколку векови.
Сепак, проблемот не е само во недостаток на средства, туку и во волјата на институциите да се грижат за културното наследство, коментираат Штипјани. Познат штипски бизнисмен беше подготвен да донира средства за целосна реставрација на кулата. Но соседите кои имаат станбени куќи околу самата кула не дозволија да се постават скелиња во нивните дворови за да се изврши зафатот. Така институциите потклекнаа под „желбите“ на граѓаните кои всушност се и најзагрозени поради ризикот да настрадаат ако попушти конструкцијата на кулата.
Во реконструктивниот зафат предвидено беше вградување на 10 тони челик. Освен тоа, замислено беше да се адаптира во изложбен салон и во кругот на кулата да се отвори продавница за сувенири. Дека кулата може да биде добар простор за креативците, покажа и инсталацијата на уметничката Жанета Вангели во 2007 година. Настанот беше организиран од Домот на млади со цел да заживее објектот.
Саат кулата во Штип позната и како Бегова кула датира од 17 век. Претставува импозантен средновековен објект изграден од камен. Според еден ракопис, изградена е во 1650 година, а подоцна бил вграден и часовник.Низ вековите ги издржала сите пустошења, незгоди и војни на овоа поднебје. Првично имала поголема висина, но заради безбедносни причини еден дел од неа е урнат во 1934 година. Оттогаш па наваму се преземени само ситни конзерваторски зафати. Објектот е под заштита на државата како споменик на културата.
Изработиле членовите на Медиа-арт клубот „Актив“ од Штип