Садење повеќе дрвја води кон помалку луѓе кои ќе умираат од се` повисоките летни температури во градовите, покажува нова научна студија.
Зголемувањето на покривката со дрвја од европскиот просек од 14,9% на 30% може да ја спушти температурата во градовите за 0,4 степени целзиусови, што пак би ги намалило смртните случаи од екстремните жештини за речиси 40%, стои во меѓународната студија која анализирала 93 европски градови.
„Ова прашање станува се` поалармантно, откако Европа доживува екстремни температурни промени предизвикани од климатските промени. Веќе знаеме дека високите температури во урбаните средини се поврзуваат со негативни здравствени последици, како кардиореспираторни проблеми, хоспитализации и предвремени смртни случаи“, објаснува водечката авторка на студијата, Тамара Ингман, од Институтот за глобално здравје од Барселона.
Нејзиниот тим сака да ги поттикне носачите на одлуки да ги направат градовите позелени, поодржливи, отпорни и здрави, како и да се избегнат проблемите поврзани со климатската криза. Според неа, здравствените проблеми поврзани со жештините во следната деценија се очекува да бидат уште поголем проблем за здравството отколку ниските температури.
Научниците користеле податоци за смртноста за да проценат колку таа би се намалила од пониски температури поради зголемениот број на дрвја. Користејќи податоци од 2015 година, тие процениле дека од 6.700 предвремени смртни случаи таа година кои се припишуваат на високите урбани температури, дури 2.644 можеле да се превенираат доколку би било зголемено покривањето со дрвја.
Градовите кои би имале најголема корист од зголемениот број дрвја се наоѓаат на југот и истокот на Европа, каде летните температури се највисоки, а територијата покриена со дрвја е пониска.
Во Клуж, во Романија, каде имало најголем број предвремени смртни случаи во 2015 година (32 на 100.000 луѓе), територијата покриена со дрвја е само 7%. Во Лисабон, во Португалија таа изнесува само 3,6%, додека во Барселона е 8,4%, споредено со градовите како Лондон каде дрвја има на 15,5% од територијата или Осло, каде дури 34% од градот е покриен со дрвја.