Новинарот Борис Дежуловиќ на 2 ноември 2021 година на порталот N1 објави колумна со наслов „Јебо вас Вуковар“ во која авторот ја проблематизира злоупотребата на жртвата на градот Вуковар во политички цели, соопштува регионалната мрежа „SafeJournalists“.
„По објавувањето на колумната, Дежуловиќ стана жртва на коментари на колумната, во ‘инбоксот’ на личниот профил на Фејсбук, а јавно го осудија новинарот и Министерството за бранители и градоначалникот на Вуковар. Дежуловиќ досега добил стотици закани поради оваа колумна, во која е навредуван, каде што се вели дека треба да му се одземе хрватското државјанство и да биде протеран од Хрватска, се распрашувале каде живее, а коментирале дека треба да биде убиен. Дел од заканите се пријавени во полиција“, сооппшти Мрежата.
Од таму реагираат дека ова не е првпат новинар да биде изложен на вакви закани и напади. Дежуловиќ со години отвора значајни и чувствителни теми за хрватското општество, велат тие, поради што неговата работа многупати беше напаѓана и критикувана. На Фејсбук, новинар често е мета на навредливи коментари, па дури и смртни закани.
Запрашан дали ги очекува реакциите што ги доби по објавувањето на колумната, Дежуловиќ за N1 изјави дека ги очекува. „За мене, тоа е очекувано, секојдневно“, рече тој, додавајќи дека добива коментари за неговите колумни веќе 35 години.
Хрватското здружение на новинари најостро го осуди јавниот и институционалниот линч на кој со денови беше изложен новинарот Борис Дежуловиќ.
„Посебно загрижува што ваквите јавни осуди на новинарите пристигнуваат од Министерството за бранители, со што се институционализира линчот на новинари и сузбивањето на слободата на говорот. Во Хрватското здружение на новинари сметаат дека за тема како што е третманот на градот Вуковар може и мора јавно да се разговара. Во спротивно, дозволуваме повеќекратно жртвување на тој град, кој останува не само заробен во својата монументална улога, туку и лишен од каква било дискусија за целта и ефектите на таквата улога“, забележаа тие.
Мрежата ,,SafeJournalists”, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, се придружува на својата членка на Хрватското здружение на новинари во осудата на овие брутални закани.
„Бараме институциите да ги заштитат новинарите и јавно да го осудат ваквото однесување на Министерството за бранители и градоначалникот на Вукова, како и да им дозволат на новинарите да си ја вршат работата без страв дека ќе бидат убиени“, велат од Мрежата.
,,SafeJournalists” ќе ги информира сите релевантни домашни и меѓународни актери за овој случај.
„Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани“, се вели во соопштението на Мрежата која поврзува медиумски организации од Скопје, Белград, Подгорица, Приштина, Сараево и Загреб.