Рускиот сајбер тим на волонтери „Лига за безбеден интернет“ ќе ја истражува огромната популарност на јужнокорејската телевизиска серија „Squid Game“, по обвинувањата дека младите во Русија имитираат насилни сцени од детски игри, пренесува „Данас“.
Дистопискиот глобален хит, каде најмаргинализираната популација во Јужна Кореја се натпреварува во традиционални детски игри за шанса да освои 45.6 милијарди вони, односно 38 милиони долари и каде смртно страдаат играчите, е на пат да стане најголемото шоу на Нетфликс досега, еден месец по објавувањето.
За само десет дена откако се објави, серијата е на прво место по гледаност на Нетфликс во Америка.
Како што се наведува на порталот „Подиом“, сајбер тимот кој е поврзан со руската влада, го прифатил повикот да започне истрага за серијата „откако добил неколку поплаки од родители“.
Во соопштението на „Лига за безбеден интернет“ се истакнува дека „многумина во Русија и странство се загрижени поради серијата“. Тие веруваат, како што велат, дека некои гледачи, особено младите, би можеле да бидат во искушение да ги повторат сцените од „Squid Game“.