И утрово интернет страницата на Министерството за образование и наука (МОН) е недостапна, откако ноќта помеѓу петокот и саботата беше мета на хакерски напад од наводна грчка хакерска група.
При пребарување на Гугл и понатаму може да се забележи дека во информациите за сајтот пишува дека е хакиран од грчкиот хакерски тим „Netwatchers“.
Од МОН велат дека граѓаните нема потреба да се грижат за наводно преземање кориснички податоци.
„Mинистерството за образование и наука е во комуникација со Националниот ЦИРТ центар за компјутерски инциденти при Агенцијата за електронски комуникации каде што е пријавен случајот и од каде очекуваме со поддршка на МВР да се преземат конкретни активности за пронаоѓање на локацијата и изворот на нападите. Во меѓувреме ИТ службата на МОН со поддршка од надворешни соработници презема дејствија за зајакнување на безбедноста на веб страницата, по што повторно ќе биде активирана“, велат од МОН, пренесе МИА.
Мета.мк објави и скриншот од изгледот на сајтот на кој хакерите ги промениле содржините и сликите на насловната страница. Поради нападот не можело да се отвори ниту една потстраница на страницата на МОН, додека сите објавени линкови воделе кон Јутјуб видео со наслов „Популарна Македонија“ (Famous Macedonia).
Ова не е првпат сајтот на МОН да се соочува со технички проблеми. Во август не беше во функција вебсајтот на Министерството, додека истовремено под хакерски напад беше системот за електронска поддршка iKnow на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Речиси постојано кога се објавуваат информации за студентски стипендии, или пак резултати од конкурсот за места во студентските домови, сајтот паѓа, најчесто поради големиот наплив на посетители. Последно сајтот падна пред четири дена, кога беа објавени списоците од конкурсот за сместување во студентските домови за студенти од втора и повисоки години на студии во студиската 2022-2023 година.