„Сакаме да живееме тука!“ – во недела протестен марш во Скопје во организација на „Кој е следен?“

„Сакаме да живееме тука!“ е пораката на протестниот марш кој во недела (16 февруари) во 17 часот ќе започне пред Владата. Протестот е во организација на граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ која произлезе од протестот за правда на 22-годишната Фросина Кулакова која на крајот на јануари беше смртно прегазена на булеварот „Партизански Одреди“ во Скопје.

„Овој протест е повик за будење на граѓанската свест и моќ. Системот што треба да нè заштити потфрла, затајува и секојдневно ни ја докажува неговата нефункционалност која ни ги крати животите. Премногу долго чекавме некој друг да ги подобри работите, да ги направи вистинските промени, да ни обезбеди квалитет на живот каков што заслужуваме. Време е сами да ги побараме! Време е да ги потсетиме надлежните кому служат и зошто се на своите функции. Секој еден изгубен живот е нов потсетник дека не смееме да молчиме! Не смееме да тонеме во апатија, чувствувајќи се немоќни да промениме нешто самите за да тргнат работите на подобро – заедно можеме да смениме сѐ. Дојди и приклучи се“, се посочува во најавата за протестот.

„Кој е следен?“ организираше и два форуми кои се одржаа во Студентскиот културен центар, како и на раскрсницата кај Зоолошката градина, на кои се дискутираше за неказнивоста и за тоа зошто градовите се небезбедни.

Од иницијативата велат дека по одржаните јавни форуми, со поддршка на граѓаните и стручната јавност, подготвиле конкретни мерки и барања до институциите, кои, како што велат ќе овозможат поправеден, пофункционален и побезбеден систем за сите нас.

„Овој протест е нашата шанса да ги адресираме нашите барања како приоритети за унапредување на системот кој зависи од нас самите. Безбедни улици и градови. Неселективен правичен систем. Едуцирана младина со морален компас во вистинската насока. Време е заедно да го побараме она што ни следува како граѓани на оваа држава – за оние кои ги загубивме, за нас и за сите што доаѓаат по нас“, велат од „Кој е следен?“.

Најавениот протестен марш во недела следува по претходните два масовни протестни марша кои се одржаа во Скопје.