„Сакаш да се видиме, имам антитела“ – љубовниот живот во пандемија како невозможна мисија

„Сакаш да се видиме, имам антитела“ – пандемискиот живот со себе си донесе и нови начини на пуштање водичка, особено ако КОВИД-19 ве затекна „сингл“.

Пандемијата не ги спречи луѓето да одат на рандевуа, но дефинитивно ги измени. „Ме баци со маска“, вели едно сведоштвата што читателите ни ги испратија на тема „Љубов во време на корона“.

Иновативни начини за отпочнување разговор, користење апликации за запознавање, бакнување со маски, одново стекната почит за готвено јадење и излети во природа, но и стриптиз сесии по дома, се неколку начини на кои сингл лицата и паровите се обидуваат да одржат активен љубовен живот за време на пандемија.

Ако имам некое рандеву, дополнително ќе ве известам

28 годишниот Иван П. од Скопје, вели дека љубовниот живот моментално му е непостоечки.

„Повлечени се многу, се плашат ради пандемијава и поради тоа е многу потешко со целава ситуација“, вели тој,  додавајќи дека и пред пандемијата и за време на пандемијата користел апликации за запознавање.

„Мислам дека се добар метод за запознавање во кризава. Не сум бил на физичко рандеву откако е започната пандемијата, не знам како би постапил. Моментално се случува само љубов на жица, а две личности не можат да се видат. Ако имам некое рандеву, дополнително ќе ве известам“, вели тој.

Девојка со псевдоним Михехе Бредшо од Скопје, ни пиша дека љубовниот живот за време на пандемија е сличен со „невозможна мисија“.

„Нешто се наоѓа, ама можностите да излезеш и да се запознаеш со некого се минимални заради превентивните мерки и запознавањето се сведува на она на социјални мрежи“, вели таа.

Бредшо вели дека од апликации за запознавање користи само „Инстаграм“, но додава дека е можно понатаму да инсталира и други.

„Одам на физички рандевуа проследени со многу паника после по прашање на тоа дали ги преземав потребните мерки за заштита од корона. На почетокот секако не одев, заради тоа што тогаш беше предизвик одење до продавница, а не па да излезеш на дејт со некого. Но, како што дојде летото и малку се олабави ситуацијата се олабавив и јас по прашање на дејтови во време на пандемија“, вели таа, додавајќи дека како креативни пандемиски рандевуа издвојува одење во природа, што дефинитивно треба да се случувало и пред пандемијата.

Бредшо нагласува дека пандемијата донесе и новостекната љубов за готвени јадења, па креативно рандеву е и одење дома на готвено јадење.

„Тука се остава простор на еден од дејтерите да се покаже, што не знаеме колку оди во прилог. Искрено одам во минимална изолација првите неколку дена по рандевуто, чисто превентивнo. Но, со оглед на моменталната ситуација после наредниот дејт сигурно ќе се изолирам“, вели таа.

Одењето на рандевуа за време на пандемија донесе и интересни моменти, па скопската Бредшо, сподели неколку и со Радио МОФ.

„Уфф… Анегдоти од романтичните средби има, меѓутоа не знам колку можам да кажам отворено, да не се препознае некој од дејтерите тука. Нешто што сигурно на секој што бил на дејт во време на пандемија му се случило е она иницијалното поздравување кога ќе се видите. Во тој момент почнуваат да ти се вртат неколку можности во глава, дали да одиш со боксче, лакт или па веќе кога си излегол дали да се гушнеш и да се поздравиш „непандемиски“. И тој незгоден прв момент може да биде или слатко хехе запознавање или малку да предизвика незгодно чувство на почеток на дејтот. Но, дефинитивно најактуелната фора кога ќе излезеш е: носиш PCR тест не постар од 24 часа? После тоа почнува стандардниот муабет за ситуацијата сега и на крајот сфаќаш дека излегуваш на дејт да избегаш од пандемијата и викаш ај да смениме тема доста со коронава. И се надеваш на позитивен исход од дејтот и негативен тест на корона“, вели таа.

Ајде да бидеме како КОВИД и да се фатиме

Од апликацијата за запознавање „Тиндер“ нагласуваат дека моментално апликацијата е достапна за 190 земји во светот и поддржува 40 јазици. Досега е инсталирана околу 400 милиони пати, а регистрирани се 55 милијардни впарувања.

Радио МОФ го праша Тиндер, дали во земјава има раст на бројот на корисници од почетокот од пандемијата. Оттаму, одговорија дека немаат такви статистики, но забележуваат дека со почетокот на пандемијата, мнозинството од корисниците започнувале разговор со шеги на сметка на КОВИД-19. „Ајде да бидеме како КОВИД и да се фатиме“ или пак „Измиј ги рацете за да можеш да ги држиш моите“, а маските биле споменувани 10 пати повеќе од претходно.

Од „Тиндер“ велат дека на почетокот на пандемијата, кога корисниците чувствувале микс на анксиозност и осаменост, бил забележан раст на користењето на апликацијата, односно на 29 март, 2020 година биле забележани највеќе впарувања во историјата на „Тиндер“ – над три милиони впарувања. На 5 април на „Тиндер“ биле испратени 52 отсто повеќе пораки отколку на почетокот на март. Сепак, скролањето на „Тиндер“ било највидливо на 3 јануари 2021 година, кога биле забележани највеќе активини корисници и се оствариле дури над 3,4 милијарди скролања, највеќе скролања од почетокот на пандемијата.

Во пандемиската 2020, од „Тиндер“ нагласуваат дека луѓето започнале да го отвораат разговорот со „дали си добро“, наместо да праќаат емоџи што мафта со рацете.

Кога ќе заврши ковид кризата, меѓу луѓето ќе има масовна сексуална револуција

Помеѓу сведоштвата кои пристигнаа на тема „Љубов во време на корона“, 36 годишен скопјанец вели дека пандемијата ја пречекал со прекин на долгогодишна врска.

„Пак учев како да се пуштам, флертувам, што да зборувам пред женски. Заборавив скроз. Бев збунка, анксиозен, ама и возбуден што сум повторно слободен! Не сум човек за „Тиндер“, па почнав интензивно да излегувам. Како во тинејџ години. Шетав по „Минус еден“, „Балет“, „Браво“, „Лајка“, „Радио бар“, МКЦ, одев во парк… Се шлаев од место во место. Останував до сабајле, до затворање, меѓу луѓе. Таман фатив ритам, се опуштив и.. Фати пандемијата“, вели тој.

Тој додава дека продолжил да излегува на местата кои работеле.

„Запознав полно девојки, ама, не бев доволно храбар. Чекав тие да направат прв чекор. Јас само зборев, дрндав. Појма немав што треба да правам. Друго, сфатив дека повеќето се параноични од ковид, не сакаа блискост и допир. Исто така, имаше некои што ги симпатишев, ама, пак, тие симпатишеа некој друг, а тој друг некоја трета… Тој љубовен „ланец“ е чуден! Бев затрескан и во една личност, но, еднострано. При крајот на 2020-та имав сексуална авантура, распоредена низ два викенда. И, тоа беше тоа“, вели 36-годишникот, додавајќи дека кога ќе заврши ковид кризата, меѓу луѓето ќе има масовна сексуална револуција.

Осумнаесетгодишната Теодора вели дека на почетокот на пандемијата не можела да најде никого, но сега „по нешто се наоѓа“. Таа доаѓа од помал град во внатрешноста, па вели дека не користела апликации за запознавање ниту пред, ниту за време на пандемијата

„Доаѓам од мал град и секој со секој се знае, па нема потреба од апликации за запознавање“, вели таа.

Теодора нагласува дека кога започнала пандемијата, не одела на рандевуа, но во скоро време почнала пак да оди.

„Како повеќе се запознававме, повеќе се зближивме, гледавме филмови преку „video call“ и на „Дискорд“, одевме на пикник во природа, или возевме велосипед низ градот“, објаснува таа за типот на рандевуа во „новото нормално“, додавајќи дека по секој состанок го намалувала контактот со лицата кои можеби се во ризик од вирусот барем за неколку дена.

Теодора со Радио МОФ сподели и анегдота од пандемиските рандевуа.

„Една вечер со дечко ми со часови шетавме по снегот, разговаравме за секакви теми и ги баравме соѕвездијата над нас на небото. Иако температурите беа под нулата, не го ни почувствувавме студенилото“, вели таа.

67 отсто истакнале дека карактерот е поважен отколку пред пандемијата

Радио МОФ ја контактираше и апликацијата „Грајндер“, чиј главен фокус е ЛГБТИ заедницата. Оттаму ни посочија дека според нивни истражувања врз нивните корисници, 88 отсто од корисниците ја зеле предвид пандемијата во одлуката дали да се сретнат со некого на рандеву. Сепак, 66 отсто се одлучиле да гледаат повеќе порно филмови отколку да одат на рандеву, а 64 отсто биле отворени за креативни средби со физичка дистанца.

„58 отсто биле позаинтересирани за долга врска отколку пред пандемијата, а 67 отсто истакнале дека карактерот е поважен отколку пред пандемијата. 60 отсто од испитаниците изјавиле дека започнале разговор со лица кои не би ги зеле предвид претходно, а 47 отсто нагласиле дека пандемијата била одлична тема за кршење на мразот“, истакнуваат оттаму.

Од „Грајндер“ посочуваат дека кога станува збор за виртуелен секс, 71 отсто од испитаниците истакнале дека споделиле слики и видеа, а 59 отсто од корисниците нагласиле дека либидото им се зголемило за време на пандемијата. 48 отсто споделиле дека имале виртуелен секс за време на пандемијата.

„86 отсто од испитаниците изјавиле дека за време на пандемијата се фокусираат на своето ментално здравје, а 85 отсто истакнале дека се поразбрани и емпатични при комуникација на „Грајндер“, велат од апликацијата.

„Ептен ми фалат физички квир простори“

Радио МОФ спроведе и анкета на тема „Љубов во време на корона“ во приватна Фејсбук група со фокус на локалната ЛГБТИ заедница. Членовите на групата ни одговорија со нивни сведоштва за тоа како е да се поминува низ пандемија како квир личност. Некои велат дека нема рандевуа, некои велат дека има, но со луѓето се запознале преку апликации, а некои пак велат дека е скроз суво и празно.

„Пред пандемијата бев во отворена врска со дечко ми. И сега сме теоретски во отворена врска ама ради пандемијата ефективно станавме моногамен пар. Без разлика на тоа мислам дека имав некои „flirty“ моменти со неколку девојки онлајн. Ептен ми фалат физички квир простори периодов“, вели еден од членовите.

25 отсто од членовите одговорија дека повеќе користат апликации за време на пандемијата, додека 75 отсто одговорија дека не користеле апликации ни пред, ни за време на пандемијата.

Нив ги прашавме и кои се најчестите проблеми доколку си квир и сингл, но истовремено и кои се најчестите проблеми доколку се во истополова врска за време на пандемија.

„Прво бев во врска и тоа беше супер, и двете живееме сами па си лежевме по дома. Ама раскинавме и сфатив колку е уствари тешко да бидеш сам. Самотијата стварно убива. До пред скоро бев сингл и чувствував многу осаменост. Сега од пред два месеца сум во врска и буквално ја пронајдов љубовна на својот живот , бар така мислам, се чувствувам многу побезбедно и помалку вознемирено. За среќа и двете живееме сами, па приватноста и безбедноста не се проблем“, вели еден од членовите.

Додека еден од членовите вели дека проблем му е зголемената сексуална тензија, друг вели дека пандемијата ја убива сексуалната желба.

„Мислам дека постојаното седење дома ми го уби либидото. Сѐ  уште имаме секс ама во последно време само еднаш или два пати неделно отприлика. Се надевам дека кога ќе се подобри времето, ќе ни се врати енергијата на двајцата“, вели еден од членовите.

„Секстинг, онлајн рандевуа, „киснење“ на чет се само дел од креативните идеи за состанување кои беа посочени од членовите групата.

„Не знам дали се брои како дејт ако сме дома, ама почнав да облекувам секси долна облека и штикли и да играм на некои песни пред дечко ми како да сум стриптизета. Топло го препорачувам“, вели еден од членовите.

Еден од членовите на групата пак, вели дека имал многу креативни идеи за пандемиски рандевуа, како лепење стикери низ град, посета на лизгалиште, но и романтични излети, но не реализирал ништо.

Оттаму добивме и интересна анегдота.

„Кога отидов кај него дома на секој чекор имаше шишиња дезинтал и дезинфекциски средства – многу секси, сериозно“, вели член на групата.

Не секогаш осаменоста произлегува од немањето партнер

За менталното здравје на младите во време на пандемија, а со фокус кон љубовните врски разговаравме и со психологот Тиана Ивановска. Таа вели дека оние кои се чувствуваат осамено треба да се нурнат во себе и да го побараат коренот на чувството на осаменост?

„Не секогаш осаменоста произлегува од немањето партнер. Понекогаш зависи и од начинот на кој ги исполнуваме внатрешните празнини“, вели таа.

Зборувајќи за врските во далечина, таа советува дека тие најдобро се одржуваат со отворена и функционална комуникација.

Пандемијата кај многумина влијаеше и со намалување на либидото, а паровите се чини дека се борат и со рутинското секојдневие.

„Да се обидат да експериментираат преку барање на нови хобија и авантури кои не ги пробале до сега“, советува Ивановска.

И.С.