Саксофонистката Асја Фатејева со свој настап во Филхармонија

Оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот „Ава“, на кој како солистка ќе настапи саксофониската во класичната музика, Асја Фатејева од Крим, Германија.

На концертот кој ќе се одржи во петок, на 20 јануари, ќе се изведуваат Рапсодија за алт-саксофон и оркестар од Клод Дебиси, концертот за саксофон и оркестар „Талахачи“ од Јакоб Тер Велдхаус и Симфонија број 10 од Дмитри Шостакович.

Со почеток во 20 часот, концертот ќе биде диригиран од маестро Конрад ван Алфен од Холандија.

„Рапсодијата за алт-саксофон и оркестар, напишана од францускиот импресионист Клод Дебиси, позната и како „Мавританска“ и „Ориентална рапсодија“ е компонирана во 1911 година, како дело за саксофон и пијано. Оркестрирана е во 1919 година од страна на композиторот Жан Роже Дукас. Напишана во типичниот авторски стил по кој е препознатлив Дебиси“, посочуваат од Филхармонија.

Холандскиот авангарден композитор Јаков ТВ (Јакоб Тер Велдхаус, 1951), својата музичка кариера а започнал како рок-музичар. Студирал композиција и електронска музика со Луктор Понсе и Вилијем Фредерик Бон на конзерваториумот „Гронинген“. Добитник е на наградата за композиција на Холандија во 1980 година, и оттогаш целосно ѝ се посветува на својата работа како композитор.

„Се надевам дека класичниот саксофон ќе успее да го добие заслуженото место на светската музичка сцена. Најголем дел од луѓето кога ќе го слушнат зборот ‘саксофон’ речиси секогаш го поврзуваат со џез-музиката“, посочува Фатејева, која во 2014 е првата жена која успева да влезе во финалето за престижната награда „Адолф Сакс“ на интернационалниот натпревар во Белгија, на кој го добива третото место.

Музичката критика не штеди зборови за оваа исклучителна солистка. „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека Фатејева е вистинска сензација во музичкиот свет и дека нејзиното свирење е „толку елегантно и лесно“. Во моментов живее во Хамбург, каде свири саксофон во познатиот „Алиеџ квинтет“, со кој изведуваат ремек-дела од класичната ера, аранжирани за пијано и четири саксофони. Тоа ѝ помага да го прошири својот репертоар, бидејќи нема многу класични дела за саксофон, со оглед на фактот дека Адолф Сакс го создаде инструментот во 1840 година. Поради тоа, Фатејева која свири и сопран- и алт-саксофон транскрибира дела од барокот и од класичната музичка ера за својот инструмент. „Потребни се повеќе нарачки на дела за соло саксофон и оркестар“, вели Фатејева.

„Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој прави нештата да се случуваат“, ќе напише критиката за холандскиот маестро.

Холандско-јужноафриканскиот диригент Конрад ван Алфен се стекнал со популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и во Амстердам.

Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле.