Салата на УКИМ и натаму лом, АМС не знае кога ќе може да ја користат студентите

Скршени прозорци, градежен шут, и оборени кошеви. Ваква е сликата за спортската сала на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ сместена во кампусот зад Економскиот факултет за која лани на студентите им се ветуваше дека од годинава ќе може да ја користат.

Иако темелите за оваа сала беа поставени во 2013 година, а проектот е вреден 2,5 милиони евра, студентите од четирите факултета во кампусот на УКИМ една деценија оттогаш, часовите по предметот Спорт и здравје ги одржуваат во барака во која времено е сместен Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.

„Дефинитивно ќе беше многу полесно, зашто реално на сите ни беше далеку. Имавме предавање до 12часот на Филозофски, а после тоа од 13 часот на ДИФ, тоа е доста малтретирање да стасаш на време, а ако закасневме понекогаш не не’ примаа, односно баш им беше гајле од каде доаѓаме и зошто доцниме“, вели Марија Стојмановска, студентка на Катедрата за Историја при Филозофскиот факултет.

Според неа ова се должи на тоа што било која работа што е воведена или направена во образованието како да е оставена на пола, по што процесите стагнираат со години.

„Апсурдно е да немаме сала, па да одиме дури до ДИФ за предметов. Значи сме си платиле за да се мачиме на овој начин, никој од нас не студира бесплатно. Но, немаме право да обвинуваме никој од нашиот Универзитет сепак и над тие луѓе има некој друг од кој доаѓа ова, тоа е Министерство кое се’ уште за сите овие проблеми е слепо и глуво. Односно, сметам дека ние не знаеме какви работи се кријат под тепих и која е причината за сето ова“, децидна е студентката.

Од сала со најмодерни услови до јавно веце

Според увидот на терен, во објектот кој беше најавуван како ултрамодерен денес може да влезе кој сака, додека внатре е оштетена и расфрлана целата опрема за спортски активности. Во текот на изминатава година, од нашата последна репортажа, се нема променето ништо освен што е отстранета облеката што лани ја затекнавме на трибините. Полека ги снемува и буквите од името на универзитетот, поставени на фасадата кај главниот влез, но се’ уште исправно стои логото на Агенцијата за млади и спорт (АМС) која беше надлежна за изградба на објектот.

 

Од АМС лани ни изјавија дека штетата настанала поради тоа што УКИМ не поставил приклучоци за вода и струја, по што одреден период објектот останал без управител.

На прашањето што се случува сега со салата, оттаму велат дека во последниот период одржале повеќе состаноци со Универзитетот, а по направен увид од стручни лица во тек е изработка на проектна документација за градежни активности.

„Универзитетот има обврска да го запише објектот во катастарот на недвижностите и по запишување на објектот заедно со изработената проектна документација потребно е да се обезбеди од Министерство за транспорт и врски соодветен акт за продолжување со градежните активности“, информираат од АМС.

Во одговорот се додава дека штом ќе добие одобрение, Агенцијата ќе започне со активности за ставање во употреба на салата.

„За кој временски рок би се ставила во функција не сме во можност да прецизираме од причина што има низа на фактори врз кој немаме влијание“, кажаа оттаму.

фото: Салата на УКИМ, принтскрин од Катастар за недвижности

Според Катастарот за недвижности, објектите во кампусот на УКИМ се впишани во парцелата 8732/1 и се нумерирани од 1 до 4. Тука спаѓаат објектот на ректоратот, правниот, економскиот факултет и филозофскиот и филолошкиот, додека со број не се обележани објектите на салата и зградите кои се градат за Факултетот за физичка култура и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

Радио МОФ пред три седмици упати прашања и до ректоратот на УКИМ, но до објавување на текстот не добивме одговори.

Салата десет години стои празна, а во последните години и запуштена и демолирана. Агенцијата за млади и спорт во меѓувреме се тужеше со фирмата „Алконпроект“ на која ѝ припадна тендерот за изградба. Кога лани пишувавме на темата, Агенцијата и УКИМ си ја префрлаа одговорноста за состојбата на салата, а тогашниот ректор на УКИМ, Никола Јанкуловски изјави дека се подготвени за соработка со Агенцијата.

„Агенцијата за млади и спорт, како и поранешната фирма изведувач ‘Алкон проект’ беа секогаш навремено известувани за постојаниот проблем со безбедноста на објектот. Воедно, очигледно е дека и недоследностите во изведбата на објектот се дополнителна причина за нејзиното руинирање. Надворешно, на јужниот дел од објектот, може да се забележи дека голем дел од фасадната обработка, заедно со изолацијата е паднат, заради лошо изведен атмосферски одвод пропаѓа партерот, постојат нецелосни дилатациони решенија и неизведени окапници итн.“, објасни Јанкуловски тогаш.

Од АМС пак рекоа дека салата ќе биде спремна за употреба најдоцна следната година.

Ангела Бошкоска 

Агенцијата за млади и спорт и УКИМ си ја префрлаат одговорноста за руинираната спортска сала