Срча, отпад, демолирани кошеви и столчиња, градежен шут… вака денес изгледа спортската сала наменета за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ) изградена пред 3 години на кампусот зад Економскиот факултет. Во неа сега може да влезе кој сака, бидејќи е оставена без врата. Објектот чии темели беа поставени во 2013 година целосно е запуштен, руиниран и оставен на милост и немилост како јавен нужник.
За изградбата на салата, за која е надлежна Агенцијата за млади и спорт (АМС) и беше дел од проектот за изградба на 35 спортски сали од Владата, беа издвоени 2,5 милиони евра од државниот буџет. Тендерот му припадна на Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Алконпроект“ од Скопје.
Во моментов, од Агенцијата за млади и спорт го има само логото над главниот влез на салата која секојдневно се распаѓа во сопствениот отпад.
Однадвор, освен отстранетата врата и неколкуте скршени прозори, зградата е целосно готова и доколку се изземат разните графити на фасадата, таа изгледа речиси пристојно.
Вистинскиот шок започнува внатре. Во средина на салата се искршените и фрлени кошеви и изместени голови, а мрежите висат заедно со бројните пајажини. Покрај ситните отпадоци што даваат знаци дека салата секојдневно служи како контејнер на несовесните граѓани, подот на салата е ишаран со дамки од урина, а врз него има и расфрлани црвени столчиња од трибините, стакло и други градежни материјали и пластични предмети.
На вратите внатре сè уште се закачени имињата на просториите што требало да бидат тоалети, соблекувални и канцеларии, а според проект планот во фискултурната сала било предвидено да има и просторија за теретана. Во некои од тоалетите ги има речиси сите елементи, додека во други тие се украдени.
Во горниот десен блок од трибините има оставено алишта, а изгледа дека само рефлекторите останале исправни.
Пред речиси десет години, кога беа ставени камен темелниците на објектот, од тогашната Влада беше ветено дека изградбата на салата ќе трае две години и потоа објектот ќе се предаде на користење на УКИМ.
Една деценија по најавувањето на ултрамодерната сала што требаше да ја добијат студентите на четирите факултети на овој кампус, таа е готова, но сепак не е во состојба да служи како простор каде треба да се одржуваат редовни часови по предметот Спорт и здравје.
„Идеме на Машински зошто нашата сала е руинирана“, вели студент на катедрата за Филозофија при Филозофскиот факултет.
„Имав предмет Спорт и здравје и се одржуваше во салата на ФЕИТ“, истакна друга студентка на Филозофски факултет.
„Алконпроект“ во 2018 година ја тужеше АМС дека не ја платила сумата за конкретната фаза. Основниот суд во Тетово, а потоа и Апелациониот суд во Гостивар тогаш пресудија во полза на Друштвото за градежништво дека АМС треба да исплати 440.000 евра, кои со камата, парнични трошоци и извршителска награда, на крајот стана сума од околу 810 илјади евра.
Во 2020 година застапувана од Државното правобранителство, Агенцијата поднесе ревизија на судската одлука, а тоа го истражуваше редакцијата на емисијата 360 степени.
Радио МОФ испрати прашања до Државното правобранителство за тоа до каде е судскиот процес, а потоа ги прашавме и од Агенцијата за млади и спорт што се случува со салата и дали некогаш таа ќе се отвори за студентите како што беше ветено. До објавувањето на овој текст не добивме одговори на нашите прашања.
За состојбата се обративме и до ректоратот на УКИМ од каде исто така не ни кажаа ништо.
Студентите од 21 катедра од Филозофски, Филолошки, Економскиот и Правниот факултет со години немаа каде да ги одржуваат часовите од задолжителниот предмет, а денес иако има сала, тие сè уште се приморани да одат во објектите на факултети што се наоѓаат во другиот дел од Скопје.
Фото: Радио МОФ
Ангела Бошкоска