Серолошката анализа покажала дека имунитет од Ковид-19 имаат 86% од вакцинираните граѓани, односно 75% од невакцинираните граѓани кои го прележале вирусот, изјави денеска на прес-конференција министерот за здравство Беким Сали.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со мерките за носење маски, Сали посочи дека состојбата со Ковид-19 не е толку позитивна и дека не треба да се избрзува со укинување на мерките.
„На една страна се желбите, од друга страна се реалните бројки кои ги добиваме, ние како министерство и Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести ја следиме состојбата, освен во државата, во регионот и пошироко. Имаме четири држави кои што ни се репер, како први држави кои ослободија мерки и денес таму забележуваме бумеранг, враќање на првобитна состојба, како што беше порано и сигурно сите ние се согласуваме, не би ризикувале да направиме таков потег со цел само да олесниме, а повторно да се враќаме на претходното“, истакна тој.
Сали се надева оваа недела државава да премине во зелена зона, поради тоа што индикаторот за хоспитализации и новозаразени е позитивен, меѓутоа, посочи дека не е сигурен за ослободување од мерките, и најави дека за тоа ќе треба да се одлучува во Комисијата за заразни болести во среда.
„Сите овие држави кои што ги напоменав, индикаторите им биле пониски од нашите, а и се вакцинирани над 80%, така да и природната и вештачката имунизираност кај народот не е гарант дека состојбата нема да се врати назад“, додаде Сали.
Министерството за здравство претходно информираше дека во изминатото деноноќие се регистрирани 92 нови случаи, како и 363 оздравени пациенти. Во последните 24 часа пак, починале 3 лица, додека според Регистарот на умрени лица од Мој Термин, починало уште едно лице на 31 јануари.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 301.583, бројот на оздравени пациенти е 290.617, на починати е 9.150, а бројот на активни случаи изнесува 1.816.