Салман Ружди останал без видот на едното око, а неподвижна му е и едната рака по нападот со нож врз него на предавање во Њујорк пред два месеци, потврди неговиот агент.
75-годишнот писател, кој примаше смртни закани од Иран уште од крајот на 1980-тите години поради неговиот роман „Сатански стихови“ беше избоден во вратот и телото додека се качувал на сцената за да одржи предавање за уметничките слободи на 12 август.
Се` досега не беа познати последиците од нападот, но неговиот агент Ендру Вајл, во интервју за шпанскиот весник Ел Паис, објаснува колку тие ќе му го променат животот на Ружди.
„Неговите рани беа прилично големи, но исто така го има изгубено видот на едното око. Имаше три сериозни рани на вратот. Една од рацете му е неподвижна бидејќи нервите во неговата рака биле пресечени. Има уште околу 15 други рани на градите и телото. Тоа е брутален напад“, изјавил агентот Вајл.
Агентот одбил да каже дали Ружди и понатаму се наоѓа во болница, додавајќи дека најважната работа е што писателот ќе продолжи да живее.
Вајл исто така во интервјуто вели дека во минатото со Ружди разговарале за можноста да се случи еден таков напад.
„Главната опасност со која се соочуваше долги години по фатвата беше случаен човек кој би се појавил од некаде и би го нападнал. Па, така, вие не можете да се заштитите од тоа, бидејќи е целосно неочекувано и нелогично“, изјавил Вајл.
Светски познатиот автор повеќе од 30 години беше цел на фатва на починатиот ирански врховен водач, ајатолахот Рухолах Хoмеини за неговото дело „Сатански стихови“, објавено во 1988 година. Книгата на Ружди е забранета во Иран бидејќи многу муслимани ја сметаат за богохулна.