Нова книга на Салман Ружди, во која пишува за нападот со нож врз него, ќе биде објавена на 16 април следната година, соопштија од издавачката куќа „Пингвин Рендом Хаус“.
Се работи за мемоар со наслов „Нож: Медитации по обид за убиство“, а Ружди книгата ја најави на книжевен фестивал во јуни, кога на публиката им кажа дека станува збор за релативно кратка книга од неколку стотина страни.
„Ова беше книга која морав да ја напишам – начин за да преземам контрола на она што се случи и да одговорам на насилството со уметност“, вели Ружди за неговата нова книга.
76-годишниот култен писател е автор на десетици романи, меѓу кои и „Сатански Стихови“, која во 1988 година беше забранета во Иран како богохулна а врз Ружди беше ставена фатва од верскиот поглавар Ајатолахот Хомеини кој повика на негова смрт.
33 години по оваа фатва, Ружди, кој живее во САД од 2000 година, беше прободен повеќе пати со нож на сцена додека држеше предавање во Њујорк. Писателот потоа остана во болница шест недели. Поради нападот тој го изгуби видот на едното око и чувството на дел од прстите на рацете. Хади Матар, човекот кој го нападна Ружди, е обвинет за обид за убиство.
„Нож“ ќе биде првата книга која Ружди ја напишал по нападот кој се случи минатата година.
Писателот седум пати се најде на тесната листа кандидати за Букеровата награда, а еднаш ја освои за неговиот роман „Деца на полноќта“ во 1981 година.