Во Паркот на МКЦ на 24 август од 21:30 часот ќе се одржи концерт под наслов „ZJM Big „Band Orchestra & Macedonian Guitar Heroes“. Станува збор за несекојдневен и единствен настан кој на иста сцена ќе ги обедини најдобрите македонски гитаристи, придружувани од ЗЏМ Биг Бенд Оркестарот, под диригентство на Џијан Емин.
Меѓу музичарите се најавени Петар Ренџов, Игор Атанасовски Харе, Венко Серафимовски, Влатко Стефановски, Димитар Божиков, Ади Имери, Зоран Костадиновски, Саша Спасовски Крокер, Предраг Икономовски и Александар Поп Христов.
Организаторот вели дека се работи за своевиден „самит на најдобрите гитаристи од Македонија“.
„На програмата ќе бидат изведени светски познати џез класици, аранжирани за Биг Бенд изведба од страна на членови на ЗЏМ – Зоран Костадиновски, Трајче Велков, Гордан Спасовски, Сашко Николовски, Дамир Имери и Џијан Емин“, соопштува организаторот.
Билети по цена од 500 денари може да се купат online на kupikartizase.com и mktickets.mk.