Во листата на најголеми добитници на тендери се градежни компании, веледрогерии, дистрибутери на нафтени деривати, итн. На дел од компаниите кои се на листата на 50 најголеми добитници на тендери, речиси целиот бизнис им почива на договори за јавни набавки со централните и со локалните институции во земјава.
Последното истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) покажа дека во периодот 2019-2023 година во земјава се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 359 милијарди денари, односно 5,8 милијарди евра. Во овој период вкупно се склучени 168.400 договори за јавни набавки со 6.378 фирми. Произлегува дека тендер добиле 9% од вкупно регистрираните околу 71.300 фирми во земјава. На годишно ниво, тендери добивале помеѓу 3.300 и 3.800 фирми.
„Анализата на фирмите добитници на тендерите и вредноста на тендерите открива висока концентрација на тендерите кај мал број фирми. Произлегува дека во периодот 2019-2023 година, вредноста на тендерите на 50- те фирми со најголема вредност на склучените договори за јавни набавки изнесува околу 2,1 милијарди евра, односно нивни биле 36 % од вредноста на тендерите. Притоа, првите 10 фирми на врвот од оваа листа добиле тендери во вредност од 1 милијарда и 28 милиони евра“, посочуваат од ЦГК.
Фирмите кои добиле најголема вредност на тендерите во изминатите 5 години, во најголем дел, се од земјава, и ним им припаднале 95 % од вредноста на тендерите. Само 5 % земале фирми од странство. Притоа, според истражувањето, убедливо најголем удел имаат скопските фирми, а по нив битолските.
„Според дејноста, дури 39 % од вредноста на договорите отпаѓа на градежништвото каде припаѓаат и договорите на АД Електрани за користење на механизација и работници за ископ на јаглен. На второ место се тендерите за набавка на лекови и медицинска опрема во вредност од 559 милиони евра и удел од 27 %. На трето се нафтените деривати со вредност од 297 милиони евра и удел од 14 %. Сите други фирми, согласно дејноста, имаат удел под 10 %“, велат истражувачите.
Одредени компании во изминатите пет години имале поголема вредност на добиените тендери отколку вредноста на вкупните приходи што ги оствариле.
„Ова значи дека договорите се склучени, но побарувањата за нив или сè уште не доспеале или пак не се наплатени. Но, ова секако зборува дека бизнисот на овие компании целосно почива на јавните набавки“, забележуваат истражувачите од ЦГК.
Табели: ЦГК