Само 14% од Европејците сакаат да се вратат во канцеларија за работа од 9 до 17 часот, а повеќе од половина велат дека станале попродуктивни кога работат од дома, што е резултат на карантините и ограничувања од пандемијата, покажа ново истражување нарачано од „Самсунг Електроникс“ и консултантската куќа „Фјучр Лаборатори“, објави Ројтерс.
Но, „хибридното работење“ – мешавина од работа дома и во канцеларија – има и своја негативна страна, при што повеќе од една четвртина од испитаниците се чувствуваат како да работат цело време, или во текот на ноќта.
Истражувањето на 14.000 луѓе ширум Европа, исто така, покажа дека 83% од работниците бараат поголема поддршка од нивните работодавци за да помогнат во рамнотежата на нивната работа и домашниот живот.
Околу 12 отсто од вработените луѓе во Европската унија обично работеле од дома во 2020 година, што е повеќе од околу 5 отсто пред пандемијата, според податоците на Евростат.
„Со оглед на тоа што презентизмот сега е застарен концепт, работодавците треба внимателно да размислат за тоа како ги задоволуваат барањата на модерниот хибриден начин на живеење“, рече Бенџамин Браун, потпретседател за „Самсунг Европа“.
Две третини од Европејците рекле дека направиле – или планираат – подобрувања во домот за да го олеснат хибридното живеење, на пример со создавање канцелариски простори дома, додека 41% одлучиле да се преселат.
Во истражувањето на најголемиот светски производител на мемориски чипови и паметни телефони, 51% изјавиле дека технологијата им помага да постават граници, на пример, со користење на мобилни аларми или апликации за управување со времето.
„Веројатно ќе видиме дека технологијата ќе го следи нашето ментално здравје и среќа исто како и нашето физичко здравје, при што паметните уреди ќе станат наши асистенти за благосостојба“, рече Меик Викинг, извршен директор на данскиот Институт за истражување на среќата, кој соработува со Самсунг на иднината на работата.