Само 2.5% од зградите во земјава имаат пристап за лица со посебни потреби

Само 13.142 згради или 2.56% од зградите во Република Северна Македонија се пристапни за лицата со посебни потреби. Во меѓувреме, 513.284 згради немаат пристап за лица со посебни потреби, додека за 7.233 згради нема податоци.

Ова го покажаа податоците објавени во четвртиот сет на податоци од Пописот на населениенто, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), во Град Скопје 84.545 од зградите се без пристап за лица со посебни потреби, во Куманово – 26.904 згради, додека во Битола 23.951 згради се без пристап за лицата со попреченост.

Во меѓувреме, најмногу згради кои се пристапни за лицата со посебни потреби се во Град Скопје – 3.998, Гостивар – 3.233 и во скопската општина Карпош – 842 згради.

Четвртиот сет податоци од пописот покажаа и дека 522.119 згради во земјава се без лифт, додека 4.307 згради имаат лифт. За 7.233 згради нема податоци.

Во земјава, исто така има 182.274 згради со енергетски ефикасна фасада, додека 344.152 згради се без енергетски ефикасна фасада. Најголем дел од зградите со енергетски ефикасна фасада се во Скопје – 42.559 згради, од кои најмногу во скопската општина Гази Баба – 7.839 згради. Во меѓувреме, втора општина по најмногу згради со енергетски ефикасни фасади е Гостивар – 13.383 згради, по што следува Тетово со 10.956 згради.

Во Северна Македонија има вкупно 533.659 згради, од кои најмногу, 89.659 во Скопје, 27.897 во Куманово и 24.530 во Битола. Во меѓувреме, најмалку згради има во Вевчани – 899, во Конче – 988 згради и 1.106 во Лозово.