Се забележува скромен раст на застапеноста на жените како кандидати за градоначалници и општински советници на последните локални избори, покажува алализата на македонското женско лоби и Одделот за родови студии при Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“.
Според податоците кои беа објавени на денешната прес конференција, за позицијата градоначалник во 2103 година биле кандидирани 339 кандидати од кои 26 жени. Од нив за идни градоначалници се избрани 4 жени или 4,9% во општините Кисела Вода, Тетово, Градско и Богданци, наспроти поразителните податоци од локалните избори во 2009 година кога ниту една жена не застана на позицијата градоначалник.
Во однос на бројот на избрани советнички, од вкупно избраните 1347 кандидати 405 се жени односно 30%. Овде исто така се бележи извесно поместување во застапеноста на жените во однос на 2009 година кога 27% од советниците беа жени. Сепак во однос на учеството на жени по општини постојат големи разлики, односно има општини каде што учеството на жените е над 40% (4 општини), од 30-40% (37 општини) од 20-30 (34 општини) и помалку од 20% (6 општини), стои во анализата.
„Овие избори донесоа извесни подобрувања во однос на застапноста на жените во локалната власт, но сликата може да се промени поради притисоците што се вршат врз избраните жени да ја предадат својата функција. Тоа го изигрува духот на изборниот закониот и имплементираната квота, но ја изигрува и волјата на граѓаните“, беше посочено на денешната прес конференција.
Во склоп на конференцијата, беа презентирани досега реализираните и претстојните активности на двете организации во рамките на заедничкиот проект насловен како „Ние сме лидерки, ние носиме промени во нашите заедници“ чија главна цел е унапредување на застапеноста на жените во локалната власт. Активностите во рамките на проектот се поддржани од UN Women, Телото на ОН за родова еднаквост и зајакнување на жените.