„Само 7% од анкетираните средношколци доколку имаат потреба за помош би се обратиле кај училишниот психолог, иако тоа е првата бесплатна услуга достапна за учениците, 30% би побарале помош кај психолог, а 15% на интернет пребарувач“, се дел од податоците произлезени од најновата Анализа на моменталната состојба за средношколците и пристапот за услови за ментално здравје што беше презентирана на денешната конференција „Дали образовниот систем гради целосни личности?“.
Според одговорите на учениците, недовербата во училишниот психолог се должи на нивното негативно искуство при посетата. Само 17% од нив средбата ја оцениле со висока оценка, а 60% се изјасниле дека средбата била недоволно добра.
„Нашето искуство при разговорот со психолозите нè уверува дека психолозите имаат желба да работат со децата, но поради условите тие се ограничени да ги опслужат сите ученици“, истакна Анита Николовска, извршната директорка на здружението „Младите можат“ кои го организираа денешниот настан.
Освен тоа што учениците не се чувствуваат слободно да се обратат до своите училишни психолози, за нивното ментално здравје не се разговара ниту за време на одделенските часови, што според анкетата спроведена од психолошкото советувалиште „Себе Сложувалка“ негативно се одразува врз нив.
„Се обидов да ги вметнам темите што самите средношколци кажаа дека им се најважни, како врсничко насилство. Често работам со лица што биле жртви на булинг, но за жал ретко се случува тоа да се 15-16 годишни, бидејќи малолетните лица не смеат да посетуваат психолог без одобрение на родителот. Тоа води кон случаевите млад човек на 25 години да дојде на психолог со проблемите со кои не успеал да се справи претходно“, рече Тиана Ивановска, гешталт психотерапевт и креатор на пилот програмата за подобра грижа за менталното здравје на учениците во образовниот систем, наменета за професори и психолози во средните училишта.
На конференцијата за подобрување на образовниот систем се дискутираше и за потребата од кариерно советување, односно беа промовирани и две други пилот програми, програма за кариерно советување на средношколци наменета за учениците од средните училишта и програма за градење на капацитети на кариерни советници во рамки на средните училишта.
„Во текот на изминатите години во училиштата се формираа кариерни центри, но за жал образовниот систем сè уште не смогна сили да го изнесе овој процес до степен да може секој ученик да има пристап до кариерно советување. Исто така, професијата кариерен советник не постои во националната класификација и оттука заклучуваме дека имаме многу премрежија за соочување“, рече Ивана Дојчиновска Стојановиќ од Асоцијација на кариерни советници, која е една од авторките на Програмата за кариерно советување на средношколци наменета за учениците од средните училишта.
Програмата е создадена според истражувања за испитување на моменталната состојба со запознаеноста и интересот на учениците за кариерно советување, а во нив биле вклучени и родителите. Според одговорите, истражувачите доаѓаат до заклучок дека учениците немаат развиено кариерни компетенции како што е кариерното планирање за тоа што ќе прават по завршување на средното образование, исто така 90% од нив не се доволно информирани во врска со процесот за кариерно советување.
Оваа пилот програма ќе биде имплементирана во гимназиското и стручното образование со цел подобрување на резултатите. Нормативот за спроведување на оваа програма ќе биде сите наставници и вклучени во процесот, како што рече Дојчиновска Стојановиќ да поминат низ серија обуки за кариерни советници.
Славица Тасева од Асоцијацијата на кариерни советници истакна дека за да се имплементира програмата, потребна е и третата пилот-програма која е насловена Програма за градење на капацитети на кариерни советници во рамки на средните училишта. Тасева е една од авторките на програмата за градење капацитети, што е наменета за обучување на наставници од средните училишта.
„Во програмата ќе бидат опфатени четири модули, планирање кариера, индивидуално и групно советување, активно барање на работа и пазар на труд и соработка со бизнис заедницата. Откако ќе се помине оваа програма, наставниците кои ќе ги обучуваме и претставниците на стручните служби ќе присуствуваат и на програмата и обуките за кариерно советување за учениците во овој пилот-проект, за да можат и на лице место да видат како тоа понатаму би изгледало во воншколските активности кога тие би требало да ја спроведуваат обуката“, појасни таа..
Тасева укажа и на неколку препораки кои се однесуваат на стручна обука на што повеќе добро селектирани и мотивирани наставници, претставници на стручни служби, психолози и педагози. Дополнително, посочи дека е потребна супервизија и контрола на квалитетот на испорачаните групни и индивидуални сесии за кариерно советување и важноста за подигање на свеста за менталнотото здравје, но и за кариерното советување кај учениците, кадарот во училиштата и родителите.
Ангела Бошкоска