Лажната веб страна за продажба на козметика, создадена од студентка им помага на стотици жени да се спасат од семејното насилство за време на пандемијата, пренесува „Гардијан“.
Во април 2020 година, само неколку недели откако во Полска беше имплементиран првиот карантин, 17 годишната средношколка Крисија Паско проследила телевизиско известување за растот за семејното насилство во Европа, кое се зголемило за 60 отсто. Најголемиот центар за женските права во Полска – „Центрум Про Кобиет“ известил дека пријавувањата на семејно насилство на СОС линиите се зголемило за 50 отсто во државата.
Информирајќи се дека Франција имплементирала шема за пријавување на семејно насилство во аптеките со употреба на кодот „маска 19“, Паско добила идеја. Со помош на пријателка која била графички дизајнер, таа создала Фејсбук страна за лажна козметичка компанија.
„Ако сте заробени во карантин со насилна личност – пратете порака. Ако поставите прашање за природна козметика, ќе ве надгледуваме. Ако напишете „СТОП“ ќе повикаме полиција наместо вас“, напишала Крисија на својот фејсбук профил, притоа споделувајќи ја лажната страна за козметика.
Паско едвај постигнувала да врати на сите пораки кои пристигнале, а нејзината Фејсбук објава имала илјадници споделувања. За неколку дена таа морала да го контактира Центарот за женски права за помош. Оттогаш, психолози, адвокати и граѓански волонтери започнале да одговараат на илјадниците пораки кои пристигнувале.
За да се филтрираат поневажните пораки, програмерка создала бот кој ги организирал и селектирал пораките, а психолозите веднаш можеле да ги идентификуваат пораките од жените на кои им е потребна итна помош.
За да ги заштити жените чии партнери ги надгледуваат нивните онлајн комуникации, Паско создала систем од кодирани прашања кои би ги селектирале пораките за тоа каква помош им е потребна на жените. Истовремено таа создала водич од 15 страни кој го споделила со психолозите кои можеле да прашаат каков вид на кожен проблем имаат жените, кога се појавила состојбата и колку члена од семејството страдаат од состојбата.
„Она што ме изненади е што сè може да биде искомуницирано преку кодови – од тоа дали алкохолот е причината за семејното насилство, до тоа дали од насилството страдаат и децата во домот“, изјавила Паско.
Еден од првите случаи на кои Паско работела започнал кога жена пратила порака до страната велејќи дека емотивното, физичкото и економското насилство од страна на нејзиниот сопруг се влошило за време на пандемијата.
Нејзиниот маж почесто бил дома, па дури и ако успеела да избега, мажот сè уште ги контролирал нејзините финансии, па таа немала пари ниту засолниште. Бидејќи нејзиниот сопруг одел на работа преку ден, Паско ѝ кажала на жената да ги спакува најосновните работи за неа и детето, по што платила такси кое ги однело жената и детето во шелтер во Варшава.
Дури и пред почетокот на пандемијата, семејното насилство било проблем во Полска. Во 2019 година, во јавноста протекло истражување финансирано од владата според кое 63 отсто од жените во Полска преживеале семејно насилство.