Декларацијата за осуда на говор на омраза и дискриминаторски говор кон жените, лезбејките, геј мажите, бисексуалците, трансродните лица и маргинализираните заедници денеска ја потпишаа седум политички партии во ЕУ Инфо Центарот.
Жарко Трајаноски од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, промовирајќи ја Декларацијата истакна дека имајќи ја предвид препораката на Комитетот на министри на Советот на Европа, „ниту културните, ниту традиционалните, ниту религиските вредности, ниту правилата на „доминантната култура“, не можат да бидат повикани за да го оправдаат говорот на омраза или која и да е друга форма на дискриминација, вклучувајќи ја и онаа врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет.
Политичките партии кои ја потпишаа Декларацијата на претстојните претседателски/парламентарни избори изразија став дека најостро го осудуваат говорот на омраза и дискриминаторски говор кон жените, лезбијките, геј мажите, бисексуалците, трансродовите лица и маргинализираните заедници, како и дека ќе се воздржат од говор на омраза и дискриминаторски говор кон овие лица, особено во медиумите, кои можат разумно да бидат разбрани како легитимирање на говор на омраза или дискриминација.
„Природно е што како зелена партија ја потпишавме Декларацијата против говорот на омраза за време на изборите, затоа што ние сметаме дека Македонија треба да биде дом за сите, независно од политичката, етничката и верската припадност и независно од сексуалната ориентација или било каква друга карактеристика на некој човек. Сметаме дека во текот на изборниот процес треба да говориме за своите програми и она што сме го направиле во изминатиот период и тоа да биде она со кое ќе се мериме пред граѓаните во изборната трка, при што омразата е неприфатлива и нешто што и пречи и на кампањата и на граѓаните, зашто говорот на омраза повредува луѓе“, порача Лилјана Поповска од Демократска обнова на Македонија.
Лидија Димова од Социјалдемократски сојуз на Македонија рече дека во СДСМ едногласно одлучиле да се потпише ваквата декларација.
„Можеби ваква декларација требаше да потпишат и медиумите затоа што медиумите се тие кои лиферуваат вакви изјави, за да не ни се случуваат емисии кои траат по четири часа каде гостува премиерот и нема да има никаков говор на омраза, но неговите статисти се тука на располагање за да можат да лиферуваат, затоа се надевам дека ќе произлезе некаква реакција и кај медиумите и дека овие избори ќе поминат без говор на омраза“, рече Димова.
Партиите ги охрабрија сите учесници во предизборната кампања да промовираат толеранција и почит за човековите права на жените, лезбијките, геј мажите, бисексуалците, трансродовите лица и маргинализираните заедници.
Политичките партии кои ја поддржаа оваа Декларација се: Либерална Партија, Либерално-демократска партија, Демократска обнова на Македонија, Демократски Сојуз, Нова социјалдемократска партија, Алијанса за позитивна Македонија и Социјалдемократски сојуз на Македонија.
Иако од Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) најавиле дека ќе се придружат на иницијативата, сепак тие не ја потпишаа Декларацијата. Исто така, ниту една албанска партија не го стави својот потпис против говорот на омраза.
Декларацијата е иницијатива на Коалиција Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници, Хелсиншки Комитет за човекови права на Република Македонија, ЛГБТИ Центар за поддршка, Акција Здруженска, Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ – ЕСЕ и Национална Мрежа за борба против хомофобија и трансфобија.